За време на празничниот викенд полицијата спроведе засилени сообраќајни контроли низ целата држава, при што беа издадени вкупно 2.508 платни налози за различни прекршоци, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Најголем број казни, дури 959, биле изречени за возење со поголема брзина од дозволената. Полицијата санкционирала и 425 непрописно паркирани возила, додека 234 возачи биле казнети затоа што немале возачка дозвола.
Контролите покажале и дека 173 возачи не користеле сигурносен појас, а 50 лица биле фатени како зборуваат на мобилен телефон додека возат. Забележани се и 14 случаи на поминување на црвено светло, а 48 возачи биле казнети за управување под дејство на алкохол.
Покрај санкциите за возачите, МВР исклучило 74 возила од сообраќај, од кои 24 поради техничка неисправност, а 50 затоа што биле нерегистрирани.
Од полицијата најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредните денови и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за зголемување на безбедноста на патиштата.