Починатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се на возраст од 14 до 25 години, од Скопје, Штип, Кочани и Пробиштип, изјави директорката на Болницата во Кочани д-р Кристина Серафимовска.
Во оваа болница се хоспитализирани 20 пациенти од 18 до 23 години.
Директорката рече дека првиот повик го добиле во 2.48 часот. Во првиот налет примиле 70 пациенти кои имале изгореници, а дел биле затруени со јаглерод моноксид.
– Носеа починати лица, но имаше и што починаа на прием. Бидејќи немаме доволно возила, се јавив кај сите болници во Источна Македонија, а почнаа и да пристигаат возила за Брза помош од Скопје и Велес. Се транспортираа потешко повредените до Штип и во Скопје – рече Серафимовска.
Пожарот избувнал на концертот на групата ДНК на кој присуствувале околу 1.500 луѓе. Во него загинаа 51 лице, повеќе од 118 се пренесени во повеќе болниви.