Почина работниот кој вчера остана затрупан под урнатините на една кула кај Колосеумот во Рим, која се урна за време на реновирањето.
Мажот, со потекло од Романија, беше извлечен жив по поминати 11 часа под урнатините, а брзо потоа почина. Иако беше изнесен од урнатините на носилка и свесен, неговото тело не можеше да ја издржи претрпената траумата. Лекарите се бореа за неговиот живот околу еден час, но обидите за реанимација беа неуспешни, известуваат италијанските медиуми.
Единаесет часа надеж, болка и исчекување завршија трагично во самото срце на Рим. Октај Строичи, 66-годишен градежен работник од Романија, почина синоќа во болница, само неколку часа откако беше извлечен жив од урнатините на средновековната кула Торе деи Конти.
За Строичи и за неговите колеги, понеделникот започна како уште еден работен ден на амбициозниот проект за реставрација на историската кула, која се наоѓа веднаш до Римскиот форум и Колосеумот. Но, во 11.20 часот, дел од внатрешната структура на кулата од 13. век одеднаш се урна, заробувајќи го несреќниот работник под тони материјал.
Веднаш почна масовна операција за спасување во која учествуваа 140 пожарникари. Ситуацијата беше исклучително опасна од самиот почеток. Префектот на Рим, Ламберто Џанини, ја опиша како „многу сложена“, со „огромни ризици“ за самите спасувачи. За да биде уште полошо, околу час и половина по првото уривање, додека пожарникарите се обидуваа да стигнат до Строичи, се случи второ, силно лизгање на земјиштето.
За среќа, спасувачите веќе успеаја да постават „заштитна опрема“ околу заробениот работник, која го заштити од понатамошни урнатини. Строичи беше свесен цело време, комуницираше со спасувачите преку радио врска и добиваше кислород преку маска. Неговата сопруга ја следеше целата операција со неизвесност од блиската улица. Спасувачките екипи користеа дронови, телескопски скали и џиновски цевки за вшмукување во очаен обид да го ослободат. По речиси 11 часа натчовечки напори, во 23 часот, Октај Строичи конечно беше извлечен жив.
Како што објави болницата „Умберто Први“, Строичи пристигнал во одделот за итни случаи веќе во состојба на срцев удар. Лекарите се бореле за неговиот живот околу еден час, но обидите за реанимација биле неуспешни. Смртта била констатирана во 00.20 часот.
Друг работник, исто така романски државјанин, беше тешко повреден во несреќата и беше префрлен во болница во критична состојба. Двајца други работници претрпеа полесни повреди, додека тројца успеале да се извлечат неповредени. Еден од нив, 67-годишниот Отавијано, им раскажа на новинарите дека се спасил бегајќи на балконот.
Трагедијата предизвика лавина од реакции. Италијанската премиерка Џорџа Мелони изрази „длабока тага и сочувство во име на Владата и во свое име“, заблагодарувајќи им се на спасувачите кои „неуморно и храбро се бореле за да му го спасат животот“. Министерот за култура Алесандро Џули и градоначалникот на Рим, Роберто Гвалтиери, исто така, изразија сочувство до семејството.
Државното обвинителство на Рим веднаш отвори истрага за кривични дела убиство од небрежност и нанесување повреда од небрежност, а градилиштето е запечатено. Истрагата ќе треба да утврди дали имало пропусти во безбедносните процедури, особено затоа што надлежните служби тврдеа дека пред почетокот на работата биле извршени статички тестови, кои „ги потврдиле безбедносните услови“ за продолжување на реновирањето.
Торе деи Конти, која италијанскиот поет Франческо Петрарка ја опишал како „единствена во светот“, има бурна историја. Ја изградил папата Инокентиј Трети во 1203 година за неговото семејство, а со оригинална висина од 50 до 60 метри била највисоката кула во средновековен Рим. Денешните 29 метри се само остаток од нејзината оригинална големина.
Била оштетена од силни земјотреси во 1348, 1630 и 1644 година, но преживеала со векови. Но, она што земјотресите не успеаја да го срушат, се урна за време на реконструкцијата. Работите се дел од четиригодишниот проект „Капут Мунди“, вреден 6,9 милиони евра, финансиран со пари од Националниот план за закрепнување и отпорност на Европската Унија. Кулата, која е затворена од 2007 година, требаше да стане нов музеј.




























