По два дена расправа, Собранието денеска го донесе Буџетот за 2026 година

Lorita
By Lorita
3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

По два дена расправа, Собранието денеска го донесе Буџетот за 2026 година. Поддршка дадоа 71 пратеник, 14 беа против, а воздржани немаше.

Буџетот за 2026 година тежи отприлика 6,78 милијарди евра и во него растот на БДП е проектиран на 3,8%, а инфлацијата на 2,5%. Вкупните приходи треба да изнесуваат 374,9 милијарди денари, расходите 414,2 милијарди денари, а буџетски дефицит 39,2 милијарди денари или 3,5% од планираниот БДП.

За пратениците од власта овој буџет обезбедува поддршка за бизнисот, ги штити пензионерите со зголемување на пензиите и носи силен инфраструктурен бран со изградба на патишта, училишта, градинки… – Тоа се реални проекти кои ќе им донесат подобар живот на граѓаните, рекоа пратениците од власта.

Според опозицијата, Буџетот содржи нереални проекции и служи само за добивање на политички поени. Посочија дека за првпат доцни исплатата на социјалната помош, туѓата нега, исплатата на МојДДВ, а стагнираат и платите, иако власта се фали со раст на БДП во третиот квартал. Нагласија дека имаме најниска минимална и просечна плата во регионот и обвинија дека Владата не сака да се фати со решавање на проблемот со растот на минималната плата и затоа ги пушта за тоа да се договорат синдикатите и работодавачите.

–  Никогаш за зголемување на минималната плата нема да се договорат ако седнат само синдикатите и работодавачите. Затоа тука треба да биде Владата – рекоа од опозицијата.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вчера во своето експозе пред пратениците рече дека проекциите за 2026 година укажуваат на континуитет на економската стабилност и раст, заснован на одговорни фискални политики, инвестиции во инфраструктура и човечки капитал, како и поттикнување на продуктивноста и конкурентноста на домашната економија.

– Буџетот е изготвен врз основа на постигнатите економски резултати и очекувањата за продолжување на позитивните трендови. Водевме сметка за реалноста во проекциите, економичноста и ефективноста во планирањето, со цел да обезбедиме стабилен развој, редовно функционирање на институциите и навремена исплата на сите обврски. Овој Буџет не е само документ со бројки и табели – тој е економска порака за стабилност, доверба и развој. Јасна потврда за одговорното управување со јавните финансии кое го воспоставивме и го продолжуваме со полн капацитет – рече Димитриеска-Кочоска.

Во тек на расправата за буџетот во матичната Комисија за финансирање и буџет од околу 200 амандмани беа прифатени 6. Со нив се обезбедуваат средства за: кадровско зајакнување на Оперативно-техничката агенција, реконструкција и проширување на натпатникот на патниот правец Штип–Чардаклија, отворање три психосоцијални центри за млади, опремување на службите за итна помош со комплети за прва помош и кислородни боци и реконструкција и внатрешно уредување на спортската сала во ОУ „Гоце Делчев“ – Гостивар.

Share This Article