Б.К. (48) од Скопје е виновникот што денеска околу 14 часот предизвика паника кај возачите на патот Охрид–Кичево. Тој неконтролирано управувал со автомобилот марка „Тојота“ под дејство на огромна количина алкохол, дури 3,15 промили во крвта.
По итна дојава на 112 дека возило се движи опасно по патот, полицијата од Кичево веднаш реагирала и го запрела возилото пред да дојде до евентуална сообраќајна несреќа со трагични последици.
– При проверка на лицето Б.К., забележано е дека се наоѓа во полусвесна состојба, по што веднаш е повикан тим од Итната медицинска помош. Тој е пренесен во Медицинскиот центар во Кичево и откако неговата здравствена состојба се подобри, извршено е алкотестирање при што беше утврдено присуство од 3,15 промили алкохол – информираат од Министерството за внатрешни работи.
Б.К. е лишен од слобода на лице место, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава за „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.