Јавното обвинителство отвори истрага против поранешнот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Пецо Мирчевски, за две кривични дела – продолжено примање поткуп и за проневера во службата. Отворена е истрага и против едн0 лице за продолжено давање поткуп.
„Првоосомничениот, во периодот од 9.6.2021 година до 13.6.2024 година, во својство на службено лице – директор на Службата за општи и заеднички работи, во повеќе наврати, искористувајќи исти прилики, примил друга корист за себе и за својата сопруга, за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши. Тој не го пријавил постоењето на судир на интереси, односно потпишувал изјави за непостоење на судир на интерес и не се изземал во постапките за вкупно 5 јавни набавки, на кои била избрана фирмата сопственост на второпријавениот, иако во текот на целиот тој период остварувал директна материјална корист за себе и за својата сопруга. Така тој за лични потреби и цели без надомест користел патничко моторно возило фолксваген пасат, сопственост на фирмата, а неговата сопруга дополнително користела услуги за превоз со возила и со возачи“, соопшти Јавното обвинителство.
Осомничениот и откако бил разрешен од функцијата директор на СЗОР, се додава во соопштението, продолжил да остварува директна материјална корисист за себе и за својата сопруга од фирмата на второпријавениот, па за лични потреби и цели, без надомест, продолжил да го користи патничкото моторно возило фолксваген пасат, како и уште едно возило марка ауди А8, за што му е поведена скратена постапка за кривичното дело – примање поткуп.
„Второосомничениот, во својство на сопственик и управител на правното лице, во повеќе наврати во период од три години, на службеното лице му давал друга корист за него и за друг, за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши, односно да не се изземе од постапките и да ги потпише договорите за јавни набавки“, соопшти ЈО.
Осомничениот директор Пецо Мирчевски во периодот од 1.1.2022 до 13.6.2024 година, во повеќе наврати, со намера да прибави за себе или за друг противправна имотна корист, присвоил и пари, во значителен износ од 1.792.859 денари (30.000 евра), додава ЈО.
„Имено, тој потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авио билети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство, во кои прикажувал невистинити податоци дека се работи за службени патувања и за службени потреби и цели. Со тоа овозможил за себе и за други лица вработени во Службата да се стекнат со имотна корист и го оштетил Буџетот на СЗОР за наведениот износ, со што е осомничен дека извршил проневера во службата“, соопшти Обвинителството.
Исто така, за првиот осомничен, поведена е скратена постапка и за кривично дело – несовесно работење во службата, додава ЈО.
„Во периодот од 27.10.2023 заклучно со 14.6.2024 година, во својство на директор и одговорен менаџер на авио службата при СЗОР, тој несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа нанел штета на Буџетот во износ од 3.444.615 денари (56.000 евра). Иако знаел дека пилотот вработен во СЗОР не ги исполнува условите за капетан – водач на воздухоплов, му овозможил на лицето да му биде исплаќан месечен надоместок по основ на плата за тоа работно место“, се вели во соопштението.
Поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоците во постапката, пред сè вработени во Службата за општи и заеднички работи кои допрва треба да бидат испитани, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, информира ЈО.
За второосомничениот Обвинителството предлага мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница или забрана за нејзино издавање, како и забрана да остварува каков било контакт со другиот обвинет во текот на постапката.