Топ Вести - Слушај сега
Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални починал во затвор како последица на труење со исклучително силен неуротоксин кој се наоѓа во отровни жаби од Еквадор, тврдат пет европски држави, оценувајќи дека станува збор за „варварски чин“ и употреба на супстанција класифицирана како хемиско оружје.
Според наодите, смртоносниот токсин епибатидин можел да биде употребен исклучиво од режимот на рускиот претседател Владимир Путин. Навални почина на 16 февруари 2024 година, на 47-годишна возраст, во казнена колонија во Сибир, а начинот на кој отровот бил внесен во неговиот организам засега не е јавно прецизиран, пренесува Скај њуз.
Епибатидин е исклучително редок и силен неуротоксин кој природно се наоѓа во одредени видови отровни жаби во Еквадор.
Според научните податоци, тој е околу 200 пати посилен од морфиум и во минатото бил користен од домородни племиња во Јужна Америка, нанесуван на стрели и дувачки цевки при лов.
Резултатите од истрагата ги соопшти Јулија Навална, вдовицата на рускиот дисидент, на прес-конференција одржана на маргините на Минхенската безбедносна конференција. Покрај неа стоеја министрите за надворешни работи на Обединетото Кралство, Германија, Шведска и Холандија, додека во истрагата учествувала и Франција.
– Тешко ми е да ги најдам вистинските зборови. И тогаш, кога ја добив веста за неговата смрт, реков дека мојот сопруг е отруен. Што друго можеше да му се случи на непријателот број еден на Путин во руски затвор? Денес знам дека тоа не се само зборови, туку научно потврдени факти – изјави Навална.
Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер изјави дека Обединетото Кралство и неговите сојузници работеле „со немилосрдна решителност“ за да ја утврдат вистинската причина за смртта на Навални.
Таа посочи дека клучна улога во идентификацијата на токсинот имале научници од британската лабораторија во Портон Даун.
– Потврдивме дека во телото на Алексеј Навални е пронајден смртоносен токсин. Само руската влада имала средства, мотив и можност да го употреби овој отров против него во затвор – изјави Купер.
Повик до ОПЦВ, Кремљ молчи
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул го опиша епибатидинот како „особено силен нервен отров“, додека шведската министерка Марија Малмер Стенергард истакна дека утврдувањето на вистината е клучно за Русија да биде повикана на одговорност.
Европските земји најавија дека своите наоди ќе ги достават до Организацијата за забрана на хемиско оружје, со цел да се зголеми меѓународниот притисок врз Москва.
Кремљ засега не се огласи по повод овие обвинувања. Руските власти претходно тврдеа дека Навални починал од „комбинирани болести“, вклучително и нарушување на срцевиот ритам.
Западните земји потсетуваат дека режимот на Путин и претходно бил обвинуван за обид за убиство на Навални во 2020 година со нервниот агенс „новичок“, истата супстанција што, според истрагите, била употребена и во 2018 година во британскиот град Солсбери при труењето на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка.
Навални тогаш го преживеа труењето, се лекуваше во Германија, а по враќањето во Русија беше уапсен и осуден. Погребан е во март 2024 година во предградие на Москва.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
