Кремљ го смета Минск најдоброто место за трилатерални преговори меѓу лидерите на Русија, САД и Украина, откри денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков коментирајќи го предлогот на белорускиот претседател Александар Лукашенко.
– Ова прашање не беше покренато и не беше разговарано на кој било начин. Но, се разбира, за нас Минск е најдоброто место. Тој е наш главен сојузник, затоа е најдоброто место за преговори.
Белорусија и претходно беше домаќин на разговори меѓу руски и украински претставници во 2014 и 2015 година, со посредство на Франција и Германија, што резултираше со договорите Минск I и Минск II од 2014 и 2015 година, именувани по белорускиот главен град.
Портпаролот на Кремљ ја коментираше и неодамнешната спремност за преговори која ја изрази украинскиот лидер Володимир Зеленски во писмо до американскиот претседател Доналд Трамп.
Песков истакна дека ставот на Русија за изјавата на Зеленски е позитивен, но дека останува прашањето „со кого да се седне на маса“.
– Но, прашањето е со кого да се седне на маса. На украинскиот претседател сè уште со закон му е забрането да преговара со руската страна. Генерално, пристапот е позитивен, но нијансите не се променети.
Портпаролот на Кремљ алудираше на украинскиот декрет од 2022 година со кој беше отфрлена можноста за преговори со рускиот претседател.