Пејачот на култната група „Колдплеј“, Крис Мартин, се најде во центарот на неочекуван медиумски и интернет-скандал по инцидентот што се случи за време на концертот во Бостон.
Она што требаше да биде безгрижна и хумористична шега на сцена, се претвори во вирална драма што го фрли светлото врз наводна афера меѓу двајца вработени од истата компанија.
Мартин, на синоќешниот концерт, за првпат јавно зборуваше за инцидентот.
– Сигурно сте слушнале за лудата приказна од пред некоја вечер. Сакам само да знаете, јас само видов две лица кои изгледаа срамежливо и се обидов да направам смешна, глупава шега. Немав поим што ќе се случи потоа и, да бидам искрен, се чувствувам по малку ужасно поради тоа – изјави тој видно потресен.
Шегата што ја кажа на концертот – „Или имаат афера или се навистина, навистина срамежливи“ – се однесуваше на Енди Бајрон, извршен директор на „Астрономер“, и Кристин Кабот, директорка за човечки ресурси. Камерата случајно ги фати на видео-бим, а интернетот заврши работа во рекордно време – ТикТок и Икс (поранешен Tвитер) ја претворија приказната во вирална исповед за неверство.
Мартин со оваа изјава се обидува да стави крај на „неволјата што не ја барал“, но наместо тоа, отвора уште посериозна тема – дали славните имаат реална моќ да уништат туѓи животи со неколку зборови?
Овој случај го покажува најмрачниот аспект на дигиталната ера: комбинацијата од слава, камери и социјални мрежи може да предизвика непредвидлива и разорна лавина. Дали Мартин беше само несреќна жртва на моментот или несвесен катализатор за лична трагедија?
Како и да е, приказната доби ново поглавје, а реакцијата на Мартин, колку и да е искрена, само го подгрева интересот. Останува да видиме дали ќе се случи извинување, судски процес или уште еден вирален TикТок.