Background

Овоштарите се принудени да ангажираат берачи од Албанија кои не сакаат ни на скала да се качат

Две третини од родот на ресенското јаболко е уништен од пролетните мразови, а квалитетот на она што остана е понизок, но за овоштарите и годинава поголем проблем е бербата на родот бидејќи дома нема доволно сезонски работници кои сакаат да берат јаболка, па затоа се увезуваат работници од Албанија кои секоја година имаат сѐ поголеми барања.

Овоштарите велат дека веќе со години има недостиг од сезонски работници, а тоа го користат работниците кои доаѓаат од Албанија за наметнување невозможни барања.

– Годинава нивните барања стигнаа до таму што бараат да не се качуваат на скали за да берат, да не ги креваат гајбите, да работат само од 8 до 17 часот или да добиваат сместување со два оброка во кои има од предјадење до десерт и пиење како во хотел што е многу скапо заедно со надницата која им се дава. Дополнително со ограничување на времето на работа се одолговлекува и бербата која зависно од големината на овошните насади трае еден месец, месец и половина до два месеца – велат од Здружението на овоштари Благој А. Котларовски од Ресен.

- Advertisement -
Ad image

Оттаму велат дека и висината на надницата годинава пораснала и се движи од 2.700 до 3.000 денари.

– При ангажирањето на сезонците може да се постигне пониска надница, но тогаш доаѓаат барањата за сместување, дневни оброци и слично – додаваат од Здружението.

Овоштарите не се многу задоволни и од ниската откупна цена на индустриското јаболко која е 9 денари по килограм и која не може да ја покрие ниту производната цена.

– Со оглед на намалениот квалитет на родот, најголем дел од производството ќе оди како индустриско јаболко, што ќе влијае и на крајниот резултат од годинашната реколта – велат овоштарите.

Сепак, не се сигурни и дека она што ќе оди на домашниот и на странскиот пазар ќе има добра цена.

– Цената на јаболкото се формира на пазарот. Сегашната пазарна цена се движи од 30 до 50 денари за килограм јаболка од сортите „златен“ и „црвен делишес“ и „муцо“ што може да се рече дека е релативно добра. Но, ако ја споредиме со цените на другиот вид овошје кое за разлика од лани драстично порасна, таа е ниска. Сепак, ќе бидеме задоволни, ако по бербата цената остане на ова ниво, бидејќи со зголемување на понудата паѓа цената на јаболкото – велат од Здружението.

Тие очекуваат државата навреме да ги исплати основните субвенции и субвенцијата за зелена нафта за да можат да ја завршат бербата, а за приходите, како што велат, ќе размислуваат откако родот ќе го складираат и ќе го пласираат на пазарите.

Македонското јаболко вообичаено најмногу се продава на домашниот пазар, но дел завршува и на пазарите во Бугарија, Србија, Албанија и во Босна и Херцеговина. Во годините пред војната во Украина, се извезуваше и во Русија.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation