Русија во текот на ноќта изврши најголем комбиниран воздушен напад врз Украина од почетокот на војната која трае повеќе од 3 години, изјави украински претставник во понеделникот, објави Вашингтон пост.
– Ноќниот напад во неделата вклучувал 355 дронови – изјави раководителот на одделението за комуникации на украинските воздушни сили, Јуриј Игнат.
Русија испукала 298 дронови и 69 ракети од различни типови врз Украина, што Украинците го оценија како најголем комбиниран воздушен напад за време на конфликтот. Од петок до недела, Русија лансирала околу 900 дронови врз Украина, соопштија официјални лица.
И Украина ноќеска изведе масовен напад со беспилотни летала врз повеќе руски градови.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека се соборени 96 украински дронови над различни региони, меѓу кои и 6 над областа на Москва. Вкупниот број беспилотни летала не е официјално потврден, но според руските медиуми, нападот бил доволно масовен за да предизвика прекин на авионскиот сообраќај на сите московски аеродроми и на повеќето во европскиот дел на Русија.
Ескалацијата ги поткопа надежите дека мировните напори на претседателот на САД, Доналд Трамп, би можеле да доведат до пробив во блиска иднина, додека, пак, претседателот на Русија, Владимир Путин, изгледа решен да заземе уште украинска територија и да предизвика поголема штета.
Трамп изјави дека Путин „полудел“ што ги засилил бомбардирањата врз Украина токму кога САД се обидуваат да посредуваат за мир.
Русија овој месец веќе трипати го собори својот сопствен рекорд за воздушни бомбардирања врз Украина. Проширувањето на воздушната кампања доаѓа откако Киев во март прифати безусловен 30-дневен прекин на огнот, предложен од САД, кој Москва де факто го одби.
Русија продолжува да напредува по околу 1.000 километри долгата линија на фронтот, каде што има бавен и скап напредок и ги собира своите сили за летна офанзива, според Украина и според воени аналитичари.