Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, во интервју за емисијата „360 степени” истакна дека најголем приоритет во нејзината програма е воспоставувањето на БРТ-системот – брз и еколошки јавен превоз што ќе го реши сообраќајниот метеж и загадувањето во главниот град.
– Скопје мора да има јавен превоз кој навистина функционира. Проектот за БРТ е подготвен, средствата се обезбедени и првата линија, од Ѓорче Петров до Аеродром, долга 13 километри со 21 станица, може да биде готова најдоцна до почетокот на 2028 година – изјави Шукова.
Таа посочи дека ова е најзначајниот инфраструктурен проект во Скопје по неколку децении, бидејќи БРТ-системот ќе овозможи превоз на над 65.000 патници дневно, со нови, еколошки автобуси кои ќе се движат на секои неколку минути.
– Ова е проект што ќе го промени Скопје засекогаш – ќе му даде нов пулс, побрз ритам и почиста иднина – рече Шукова.
Таа најави целосна реформа во системот за управување со отпадот, со што Скопје ќе добие одржлив и транспарентен модел по примерот на европските градови.
– Граѓаните ќе имаат јасен распоред кога кој тип на отпад се собира – понеделник комунален, вторник пластика и хартија, среда биоразградлив. Така ќе воспоставиме ред и навика за селекција – изјави Шукова.
Во првата година, ќе се набават нови камиони, контејнери и дигитална платформа преку која граѓаните ќе можат да го следат распоредот и да пријавуваат неправилности.
Посебен акцент таа стави на рехабилитацијата на депонијата Дрисла, каде што ќе се воведе систем за дегасификација, собирање исцедок и контрола на загадувањето.
– Ова е чекор кон вистинска циркуларна економија, отпадот повеќе не е проблем, туку ресурс што го враќаме во употреба. Така ќе имаме почист воздух, здрава почва и град што размислува одговорно – порача Шукова.




























