Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Предизвикување општа опасност според член 288 став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот, на 2 мај во утринските часови, во викенд – куќа во селото Катланово и во стан во зграда во Скопје, кои се во сопственост на неговата сопруга со која биле разделени и со која водел бракоразводна постапка, со пожар предизвикал значителна опасност за животот на луѓето.
Иако бил свесен дека поради неговото сторување може да настапи штетната последица, се согласил со нејзиното настапување и откако еден ден претходно телефонски се заканувал на оштетената и на нивниот син, на критичниот ден со бензин предизвикал пожар најпрво пред влезната врата на викенд-куќата.
Пожарот се проширил и во внатрешноста на куќата, а потоа осомничениот се упатил кон Скопје и на сличен начин предизвикал пожар пред влезната врата на станот.
Откако ги сторил делата, ја известил оштетената дека ги опожарил двата објекти. Таа јавила на соседи во зградата кои почнале веднаш да го гасат и спречиле пожарот да се прошири кон другите станови од зградата.
Ценејќи дека околностите под кои е извршено кривичното дело кое му се става на товар на осомничениот се одликуваат со изразита пресметаност и висок степен на кривична одговорност, како и дека постои реална опасност од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, се наведува во соопштението на ОЈО.
Станува збор за Тодор Митровиќ, зет за сестра на покојниот естраден новинар Зоран Василевски Фаци, кој го запалил станот во скопската населба Ново Лисиче во кој живееше Василевски, а сега живеат неговата сестра и двајцата внуци, како и куќата што ја имаше Василевски во Катлано, пишува Курир.
Зградата во која се наоѓа опожарениот стан се наоѓа веднаш до основното училиште „Лазо Ангеловски“.