Организацијата „Сапорт Кочани“ денеска ја прими првата пратка со специјализирана компресивна облека наменета за повредените во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.
Костумите се испратени од бугарската компанија „Хелт2000“, која е специјализирана за медицински помагала.
Заедно со пратката, во Кочани пристигнаа и медицински стручњаци од Бугарија, како и претставници на компанијата „Јузо“ од Германија и Холандија. Тие одржаа обука за правилна употреба на компресивната облека, која е клучен дел од процесот на рехабилитација кај лица со тешки изгореници и трансплантирана кожа.
„Сапорт Кочани“ ја покри целата вредност на првата пратка, која изнесуваше 923.458 денари, благодарение на донации од граѓани и компании. Од организацијата соопштија дека веќе се обезбедени средства и за втората тура облека, и упатија јавна благодарност до сите кои несебично помогнаа.
„Кочани не заборава и не е сам“, порачаа од организацијата.