Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја повика Европската унија да започне директни преговори со Русија за Украина, пренесоа денеска светските медиуми, повикувајќи се на писмото на Орбан до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Орбан се изјасни против напорите на земјите од ЕУ да најдат каков било консензус во врска со Украина, нагласувајќи ја неопходноста од преговори за прекин на огнот, пишува лондонскиот весник „Фајненшел тајмс“.
Според весникот, Орбан го испратил писмото откако официјален Брисел испратил нацрт-заклучоци за претстојниот самит на лидерите на ЕУ.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто пак денеска изјави дека на состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, било јасно кој е за мир, а кој сака војната да продолжи.
– Вчера на сите им стана појасно од кога било кој сака мир, а кој војна. Кој сака да прекине убивањето, а кој сака да продолжи. Кој е тој што стои на тлото на здравиот разум, а кои се тие кои не жалат ниту за човечки животи, ниту за милијарди евра, само за да продолжи војната – објави Сијарто на мрежата Икс.
Тој рече дека „залагањето за мир“ на Трамп бил најважниот момент во последните три години од војната во Украина.