Околу 3.000 метри кубни трска на струшкото крајбрежје покрај регионалниот пат Струга – Калишта изгореле во пожар за време на викендот.
СВР Охрид денеска соопшти дека пожарот во ОВР Струга бил пријавен на 23 февруари во 18 часот.
Интервенирала Територијалната противпожарна единица од Струга, а полицијата презема мерки за расчистување на настанот.
Ова е трет случај на опожарена трска на брегот на Охридското Езеро на потегот Струга – Калишта од почетокот на овој месец. Пред две недели во полицискиот билтен беа евидентирани 2 случаи на опожарени трски пред хотел и угостителски објект на струшката ривиера.
Според податоците на охридската полиција, минатата година на струшкото крајбрежје на потегот кон селото Калишта се евидентирани 3 пожари во кои е опожарена трска со вкупна површина од околу 1.400 метри квадратни, во сопственост на државата.
За последните случаи со опожарена трска не е поднесена кривична пријава.