ОКОЛУ 170 НОВИ СЛУЧАИ ГОДИШНО СО РАК НА ГРЛО НА МАТКА

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Јануари е месец посветен на подигнување на свеста за рак на грлото на матката – еден од најчестите и најпревентабилни видови рак кај жените. Ракот на грлото на матката се развива бавно, што овозможува рано откривање преку редовни гинеколошки прегледи и скрининг тестови, како што е ПАП-тестот и тестирањето за хуман папилома вирус (ХПВ), нагласуваат денеска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според последно објавените податоци на ИЈЗ, во 2022 година имало 173 пациентки со рак на грлото на матка, а бројот на починати од ова заболување бил 66.

– Во периодот од 10 години, односно од 2013 до 2022 просечната инциденца за ова заболување била 9,2 на 100.000 жени, или околу 170 нови случаи секоја година, што го прави ракот на грлото на матката шесто најчесто малигно заболување кај жените. Според податоците за морталитет, тој изнесува 2,9 смртни случаи на 100.000 жени, или во просек 52 починати жени во овој период, од рак на грлото на матката. Со редовни прегледи и водење добра грижа за сопственото здравје, сите овие смртни случаи може да бидат избегнати, бидејќи добар скрининг и рано откривање на сите случаи, води кон добри можности за ефикасен третман и избегнување на многу смртни случаи – велат од ИЈЗ.

Главниот причинител е инфекцијата со ХПВ, вирус што се пренесува по сексуален пат. Иако повеќето ХПВ инфекции се безопасни и спонтано исчезнуваат, некои типови на вирусот можат да доведат до појава на преканцерозни промени или рак – тоа се ХПВ 16, 18, 31, 33, 35, 39, 45, 51, 52, 56, 58 и 59. Покрај хуманиот папилома вирус (ХПВ) како најчест предизвикувач, други фактори што го зголемуваат ризикот за развој на ова заболување се ран почеток на сексуални односи – поголема изложеност на ХПВ вирусот во помлада возраст, потоа повеќе сексуални партнери – зголемен ризик за ХПВ инфекција, слабиот имунолошки систем и пушењето.

Според ИЈЗ, вакцинацијата против ХПВ е најефикасниот начин за превенција, редовните скрининг прегледи, како и безбедните сексуални практики.

Во раните фази, овој рак често нема симптоми. Но, напреднатите фази може да предизвикаат абнормално вагинално крварење помеѓу циклус, после менопауза или по сексуален однос, болка за време на сексуален однос, потоа болка во грбот, нозете или карлицата, необичен вагинален исцедок со интензивна непријатна миризба, губење на телесна тежина, апетит проследени со слабост и малаксаност, отоци на нозете. Раното откривање и навременото лекување значително ги зголемуваат шансите за излекување.

Третманот за рак на грлото на матката, како што додаваат, зависи од стадиумот на болеста.

Во раните фази со хируршка интервенција или минимално инвазивни процедури. Во подоцнежни фази со комбинација од радиотерапија и хемотерапија. Поддршката за жените кои поминуваат низ ова искуство е исто толку важна, како и медицинскиот третман. Групи за поддршка, психолошка помош и социјална поддршка играат клучна улога во подобрување на квалитетот на животот, потенцираат од Институтот.

Share This Article