Јавното обвинителство предложи да се изведе како доказ фотодокументација од 05.05.2025 од МВР криминалистичка техника, со 9 фотографии на однос на тоа каква комуникација имал обвинетиот Љупчо Палевски преку Месинџер со лицето Ерол Османи, кој како сведок беше испитан во текот на оваа постапка.
Комуникацијата е во периодот од 22.11.2023 до 28.11.2023.
Во врска со овој предлог Палевски рече дека ќе понуди фотографии од комуникација преку Телеграм.
– Во истава дополнителна доказна постапка, ќе понудам фотографии од комуникација преку Телеграм кои се нивен доказ. Ќе ги замолам да достават фотографии од 16 ноември, затоа што во нив ќе видат и еден редуктор и комуникација за овој предметен сервис. Во комуникацијата што ја гледам пред мене е договарање да се прави сервис и никаде не пишува „благодарам што ми направи сервис“. Сето ова се комуникации за сервис, но, како што кажав и во мојот исказ, а очигледно не ме разбрале добро обвинителите, им објаснувам – на 22 ноември е правен редуктор, и објаснив како, за тоа не треба лаптоп, кој се споменува во пораката од 28 ноември. На 28 планиравме да го сетирам котелот кој веќе работи после поправката на 22 ноември, кога му објаснувам да завршам брзо, да ја земам ќерка ми, лаптопот е во мене, ќе дојдам. Не станува збор за сервис, туку со лаптопот се сетира работењето на самиот котел. Во овие пораки не постои ниту еден збор кој означува дека сервисот е завршен. ОЈО смислено не ги презентираше пораките кои се неколку дена пред 22 ноември, за да се види целиот контекст на разговорот преку пораки меѓу мене и Ерол Османи. Конечно, бидејќи, ќе им бидат презентирани докази дека на 28 ноември не сум бил кај Османи, а тоа им е познато и од телефонската анализа, што значи дека е невозможно да работи котелот, како што посведочи Османи, а јас да не сум направил сервис. Сервисот е направен на 22.11.2023 и тоа е причината што во мојата фотодокументација која ќе биде приложена, ќе се увери и самото ОЈО, зошто не постојат базни станици за мојот телефон од 1 часот до 16.30 часот во нивната телефонска анализа – вели Палевски.
Судот прифати да се изведе фотодокументацијата како доказ.
– Во фотодокументацијата е извршено фотодокументирање на содржината од бројот користен од Ерол Османи, на 9 фотографии од комуникацијата преку Месинџер со Палевски. На фотографиите број 1, 2 и 3 е прикажан телефонот на Османи. Од пораките произлегува дека комуникацијата била најпрво на 22 ноември 2023 во 16.13 часот, кога сведокот Ерол Османи пратил фотографија, па порака со содржина: „Ова го врзав преклани директно. Не знам зошто, можеби некоја склопка. Кај се врзува инаку? Сакам да ми работи на тивок режим, вака нон-стоп ми шиба.“ На 22.11. 2023 година нема никаков одговор од Палевски. На фотографијата број 6 е содржината на пораките пратени од Османи каде се гледа дека на 25 ноември 2023 година во 19.17 часот му пратил порака на Палевски со содржина: „Ми требаш за греењето.“ Очигледно нема одговор од обвинетиот Палевски. Од 22 до 25 ноември не е извршено поправање на уредот. На 27 ноември 2023 во 12.44 часот сведокот Ерол му праќа порака: „Идеш навака?“ И овде нема одговор, па истиот ден во 15.55 сведокот Ерол праќа порака: „Да купам нова електроника?“ Тоа значи дека обвинетиот Палевски ниту отишол кај Османи на 27-ми, ниту извршил некаква поправка. На фотографијата број 7 пратена е порака дури во 23.30 часот од обвинетиот до Османи, од која е видливо дека до тој момент Палевски не отишол кај Османи – рече обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.
На тоа приговараше Палевски кој рече:
– На сликите 1, 2 и 3 не е телефонот на Ерол Османи, како што тврди ОЈО, туку е мојот телефон, ајфон. На сликата која е пратена на 22.11.2023 е вентилатор, а не котел и тој се жали дека тој работи, ама нон-стоп. И нема потреба да го поправам кога веќе сум го поправил котелот и тој грее. Затоа и не одговарам на пораките. И самиот праша, прочитавте, дали да купи нова електроника. Тој тврди дека на 28-ми сум поправал котел кај него, а не на 27-ми, како што говори ЈО. Ниту еднаш јавниот обвинител ниту покажа ниту кажа датум 28.11.2023, што е исказ на Османи, кој тврди дека сум бил кај него на 28, а не на 27 ноември. Не слушнавме ништо за денот 28 ноември, туку за 27 ноември. Денот 27 ноември, со еден сведок на одбраната и со вашите вештачења и со уплатници од Халк банка е веќе расчистен и не знам што докажавте со котелот на Ерол со денот 27 ноември. Објаснете му на судот зошто во телефонската анализа сте го прескокнале денот 28 ноември, а таа анализа е до 30 ноември. Треба да објасните зошто сте го прескокнале денот 28 ноември.
Обвинителката предложи да се изведе известувањето од МВР, СВР Скопје, Единица за насилен криминал, одделение за крвни и сексуални деликти, од 05.05.2025 година, од кое произлегува дека фотодокументацијата е направена со согласност од лицето Ерол Османи на 05.05.2025 година, кое било повикано и го приложило својот телефон за фотодокументирање.
Како што е познато, Османи сведочеше дека Палевски му го поправал котелот на 28 ноември, а Палевски твдри дека го поправил котелот на 22 ноември.
Реагираше адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски, кој рече дека не му е јасно каква врска има котелот со двете убиства.
– ОЈО го товари Палевски за две тешки убиства, а според распитот и досега доставените докази не ми е јасно зошто котелот на Османи е предмет на доказ и прашања во оваа постапка за убиство. Мое мислење е дека овој доказ нема никава врска со постапката и оставам на судот да одлучи дали ќе го изведе – рече Страшевски.
Палевски приговараше на овој доказ поднесен од обвинителката.
– Ова е веќе четврти доказ за злоупотреба на Законот за кривична постапка и местење на злосторството. Затоа што, Османи е испитан во ОЈО 10 дена пред мојата екстрадиција, во мај 2024. Не му е вештачен телефонот, а во ноември тој мафташе со скринови од комуникацијата без вештачен телефон. Но, откако беше отворен мојот телефон, два месеца после исказот на Османи, од таму излегоа пораки и докази дека не сум можел физички да бидам присутен кај него на 28 ноември, како што тврди тој. Не сум можел никако во 11.40 часот да пратам порака, а во 12 да бидам присутен во Бутел и доказите за тоа ќе бидат предадени во дополнението. ОЈО дури на 5 мај оваа година, по една година откако Османи дал исказ, му го вештачи телефнот. А не е ниту вештачен, туку е направена фотодокументација од комуникацијата преку Месинџер со мене. Не може да се докаже неговото тврдење, затоа што ОЈО ни објаснуваше за 27, а не за 28 ноември, како што тврди нивниот сведок – рече Палевски.