Background

ОБВИНИТЕЛКАТА АТАНАСОВА САКА ДА ЗНАЕ ШТО Е „ПЛАВА, ВИСОКА ИЛИ НИСКА” ВРАБОТЕНАТА ОД ПИСАРНИЦА , НАМЕСТО ДА ГО ИСТРАЖУВА СКАНДАЛОТ ВО ГАЛИЧИЦА

Месец по поднесена кривична пријава за кражба на државна инфраструктура на АРМ и МВР и закопан радиоактивен отпад во НП Галичица , охридското Јавно обвинителство го третира предметот со згрозувачко незаинтересирање. Одговорот на јавната обвинителка Кристина Атанасова на новинарот кој побара информација за текот на постапката остави без зборови.

Пред нешто повеќе од месец дена, Редакцијата ОХРИДСКАЈ (OhridSky.com) објави истражувачки текст под насловот „Кражба на државен имот во ЈУНП Галичица: Далеководни столбови на АРМ и МВР исечени, металот продаден, радиоактивниот отпад закопан” , текст кој разоткрива деjaниа со сериозни последици по безбедноста и здравјето на граѓаните.

Наодите беа толку алармантни, а доказниот материјал толку сериозен, што Редакцијата на ОХРИДСКАЈ беше принудена да направи следниот чекор: на 23 февруари 2026 година, согласно членовите 278, 279 и 280 од Законот за кривична постапка на Република Северна Македонија, поднесе формална кривична пријава до:

  • Основно Јавно Обвинителство – Охрид
  • Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ЈОГОКК) – Скопје
  • Министерство за внатрешни работи на РСМ (МВР – СВР Охрид)

Кој е пријавен и за што?

- Advertisement -
Ad image

Кривичната пријава е поднесена против конкретни лица: Ѓуро Јовчески, вработен во ЈУНП Галичица, кој наводно физички ги извршил работите на исекување на далеководните столбови; Андон Бојаци, наводно раководна фигура во ЈУНП Галичица, кој ги координирал и организирал активностите; и Антонио Додески, наводно претседател на НВО „Патагонија” Охрид и вработен во Горско-спасителната служба на Црвен Крст Охрид , секој со конкретна улога во организираното незаконско дејствување.

Описот на кривично-правните дејства е тежок: на територијата на ЈУНП Галичица , заштитено природно добро и УНЕСКО биосферен резерват , осомничените физички исекле и демонтирале далеководни столбови кои претставуваат официјална сопственост и инфраструктура на Армијата на Република Македонија (АРМ) и Министерството за внатрешни работи (МВР) поточно во сопственост на Република Северна Македонија. Металните компоненти потоа биле транспортирани и продадени на откупни места за секундарни суровини, а во исто време на подрачјето бил незаконски закопан радиоактивен отпад , директна закана за јавното здравје, за квалитетот на водите и за екосистемот на Охридското Езеро.

Правната квалификација на пријавата е разорна: кражба на државен имот во поголем обем (чл. 235), тешка кражба со злоупотреба на положба (чл. 236), оштетување и уништување на државна инфраструктура (чл. 243), злоупотреба на службена положба (чл. 353), предизвикување општа опасност преку закопување радиоактивен отпад (чл. 278), загрозување на живот и здравје со употреба на опасни материи (чл. 216), загадување на животната средина во заштитена природна зона (чл. 218), учество во злосторничко здружување — организиран криминал (чл. 394-а) и перење пари (чл. 273).

Пријавата е заведена во ОЈО Охрид под број Ро.134/26, а постапувањето е доделено на основната јавна обвинителка Кристина Атанасова.

Месец подоцна , обвинителката ги броела физичките особини на вработена од писарница

Кога главниот уредник на ОХРИДСКАЈ денеска лично отиде во Јавното обвинителство во Охрид за да побара информација за текот на постапувањето по поднесената кривична пријава , нешто на што согласно законот подносителот има целосно право , одговорот на јавната обвинителка Кристина Атанасова беше речиси неверојатен.

Наместо да информира за преземените дејствија по предметот во кој оштетена е државата Северна Македонија, обвинителката Атанасова реагирала со прашање кое трепери помеѓу апсурд и скандал:

„Во кое својство се јавувате вие како подносител, кој од писарница ви кажал дека предметот е доделен кај мене во работа, каква беше таа што ви го даде , плава, црна, висока, ниска… одете во Правобранителство, тие се надлежни за заштита на државен имот.”

Со други зборови: наместо да го води предметот, обвинителката Атанасова е поинтересирана да идентификува „информатор” во сопствената писарница отколку да постапува по пријава за организиран криминал, кражба на воена инфраструктура и закопан радиоактивен отпад.

Препраќањето на новинарот кон Правобранителството е правно погрешно и показател за поразително непознавање на надлежностите — Правобранителството застапува државни интереси во граѓанско-правни постапки, додека кривичното гонење е исклучиво надлежност на Јавното обвинителство.

Каде е Тошковски? Каде е ЈОГОКК?

Прашањето кое се поставува сосема логично и кое јавноста заслужува да го слушне е: каде е Министерството за внатрешни работи и неговиот министер Панче Тошковски во случај кој директно засега инфраструктурата на МВР? Дали МВР воопшто е информирано дека нивните телекомуникациски столбови се исечени, транспортирани и продадени на откуп? Дали некој е одговорен за заштита на безбедносната инфраструктура на државата?

Уште позагрижувачко — пријавата е испратена и до ЈОГОКК Скопје, со кристално јасна наративна нишка на организиран криминал, злоупотреба на службени положби и перење пари. Дали и таму предметот стои замрзнат?

Итноста е неспорна , паркот е полн туристи

Пријавувачот во самата пријава нагласува апсолутна итност: закопаниот радиоактивен отпад претставува непосредна закана за здравјето на луѓето и животинскиот свет. ЈУНП Галичица е туристичка дестинација со илјадници посетители годишно. Секое одложување го зголемува ризикот од контаминација. Физичките докази може да бидат уништени или скриени. Осомничените може да преземат мерки за прикривање.

Наместо итна теренска истрага, мерење на радиоактивна контаминација и обезбедување докази , добивме обвинителка загрижена за бојата на косата на вработена во писарница.

Охридското Јавно обвинителство , систематски проблем

Овој случај не е изолиран инцидент. Основното Јавно обвинителство Охрид веќе подолго време е познато по бавни постапувања, нетранспарентност и избирачки пристап кон предметите. Реакцијата на обвинителката Атанасова само ја потврдува сликата на институција која не работи во служба на граѓаните и на правото, туку за сопствена удобност.

Јавниот интерес во овој предмет е исклучително висок: станува збор за кражба на државна воена инфраструктура, за закопан радиоактивен отпад во заштитена природна зона под УНЕСКО, за организирана криминална група составена делумно од вработени во јавна установа, за закана врз Охридското Езеро , природно богатство со светско значење.

ОХРИДСКАЈ ќе продолжи да го следи и известува случајот и бара јавна одговорност од сите надлежни институции — Основното ЈО Охрид, ЈОГОКК Скопје и МВР на РСМ.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation