Израел целосно ќе го порази Хамас во Појасот Газа за да обезбеди ослободување на заложниците, изјави синоќа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, по состанокот со безбедносните претставници за да се разговара за следната фаза од војната.
– Треба целосно да го поразиме непријателот во Газа, да ги ослободиме сите наши заложници и да се осигураме дека Газа повеќе не претставува закана за Израел. Нема да се откажеме од ниту една од овие задачи – рече Нетанјаху за време на посетата на воена база.
Вчера попладне, според неговата канцеларија, тој одржал „ограничена дискусија за безбедноста“ што траела речиси 3 часа. За време на состанокот, „командантот на армијата му ги презентирал опциите за продолжување на операциите во Газа“, се вели во соопштението.
Во средата, неколку министри потврдија дека Нетанјаху одлучил да ги прошири борбите во областите каде што се држат заложниците, објави израелскиот весник Кан.
Весникот Маарив забележа дека „оваа драматична одлука“ значи дека армијата ќе „започне борба во области“ каде што се воздржала од борба во последните месеци и каде што можеби се држат заложниците, како и во кампови со раселени жители и области со голема концентрација на цивили.
Во меѓувреме, уште 68 Палестинци беа убиени во израелските напади вчера, вклучувајќи 56 кои чекале дистрибуција на храна во Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа и во Зиким во северниот дел на енклавата.
Армијата соопшти дека испукала „предупредувачки истрели“ во јужна Газа и дека ги проверува извештаите за пукањето во Зиким.
Висок функционер на ОН денеска предупреди дека проширувањето на израелската воена операција во Појасот Газа би имало „катастрофални последици“.
– Меѓународното право е јасно по ова прашање, Газа е и мора да остане составен дел од идната палестинска држава – рече заменикот генерален секретар на ОН за Европа, Централна Азија и Америка, Мирослав Јенка, за време на вонредниот состанок на Советот за безбедност за конфликтот.
Во меѓувреме, израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид предупреди на социјалната мрежа Икс дека таквите намери на владата на Бенјамин Нетанјаху „ќе доведат до смрт на сите заложници“. Тој посочи дека преостанатите израелски заложници, што ги држи Хамас во Газа, ќе умрат од глад, тепања и од тортура, па дури и за време на израелската воена операција ако армијата преземе акција за заземање на целата енклава.
Од 250 лица, киднапирани од палестинската група за време на нападот на 7 октомври 2023 година, се проценува дека 50 сè уште се држат во Појасот Газа, а се верува дека околу 20 од нив се сè уште живи.
Tagged as:
Обединетите нации алармираат за катастрофални последици ако Израел ја нападне цела Газа
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
