Ново истражување со најсилни докази досега за ефектите на музиката врз пациентите

Lorita
By Lorita
9 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Под силните светла на операционата сала во индискиот главен град, Њу Делхи, жена лежи неподвижна додека хирурзите се подготвуваат да ѝ го отстранат жолчното кесе.

Таа е под општа анестезија, без свест, без чувства и целосно неподвижна, откако ѝ е дадена комбинација од лекови кои предизвикуваат длабок сон, го блокираат памтењето, ја ублажуваат болката и привремено ги парализираат мускулите.

Сепак, среде зуењето на мониторите и работата на хируршкиот тим, таа слуша нежна музика од флејта преку слушалки во ушите.

Дури и додека лековите го смируваат поголемиот дел од нејзиниот мозок, нејзиниот аудитивен систем останува делумно активен.

Кога ќе се разбуди, ќе се освести побрзо и ќе има појасен ум, бидејќи ѝ била потребна помала доза на анестетици, како што се пропофол и опиоидни аналгетици, отколку на пациентите кои не слушале музика.

Барем, така сугерира нова, рецензирана студија од Медицинскиот колеџ Маулана Азад и болницата Лок Најак во Њу Делхи.

Истражувањето, објавено во списанието „Музика и медицина“, дава едни од најсилните докази досега дека музиката што се свири за време на општа анестезија може скромно, но значително да ја намали потребата од лекови и да го подобри закрепнувањето, пишува Би-Би-Си.

Студијата ги опфатила пациентите кои биле подложени на лапароскопска холецистектомија, стандардна операција за отстранување на жолчното кесе.

Постапката е кратка, обично трае помалку од еден час и бара особено брзо закрепнување во однос на менталната бистрина.

- Advertisement -
Ad image

За да се разбере зошто истражувачите ги проучувале ефектите од музиката, важно е да се разбере модерната практика на давање анестезија.

– Нашата цел е по операцијата што е можно побрзо да се отпушти пациентот од болница – вели Фарах Хусеин, специјалист за анестезија која учествувала во студијата. Пациентите треба да се разбудат со бистра глава, целосно свесни и ориентирани, и идеално без болка.

– Со подобра контрола на болката, одговорот на телото на стрес е намален – додава Фарах, која е и сертифициран музички терапевт.

- Advertisement -
Ad image

За да се постигне ова, потребно е да се создаде внимателно избалансирана мешавина од пет или шест лекови кои заедно го одржуваат пациентот во сон, ја блокираат болката, спречуваат сеќавања на операцијата и ги релаксираат мускулите.

За процедури како што е лапароскопско отстранување на жолчното кесе, анестезиолозите сега често ја дополнуваат оваа комбинација на лекови со регионални „блокади“ – инјекции водени со ултразвук кои ги умртвуваат нервите во абдоминалниот ѕид.

– Општата анестезија плус блокади се стандард – вели Танви Гоел, водечки истражувач и поранешен виш доцент на Медицинскиот колеџ Маулана Азад.

– Го правиме ова на овој начин со децении – додава таа.

Но, телото не ја поднесува операцијата лесно.

Реагира дури и под анестезија: срцевиот ритам се зголемува, нивото на хормони се зголемува, крвниот притисок се зголемува.

Намалувањето и контролирањето на овие реакции е една од клучните цели на модерната периоперативна нега.

Одговорот на телото на стрес може да го забави закрепнувањето и да го влоши воспалението, а тоа ја истакнува важноста од внимателно следење на одговорот на телото- објаснува Хусеин.

Стресот на телото започнува уште пред првата инцизија, со интубацијата – поставување на цевка во душникот.

За оваа постапка, анестезиологот користи ларингоскоп за да го подигне јазикот и меките ткива во грлото на пациентот за да добие јасен поглед на гласните жици и ја вметнува цевката во трахеата.

Тоа е рутински чекор во воведувањето на општа анестезија што осигурува дека дишните патишта се отворени и овозможува прецизна контрола на дишењето на пациентот додека е во несвест.

– Се смета дека ларингоскопијата и интубацијата го предизвикуваат најстресниот одговор на телото за време на општата анестезија – вели Соња Вадаван, професор по анестезиологија и интензивна нега на Медицинскиот колеџ Маулана Азад.

– Иако пациентот е во несвест и не се сеќава на ништо, телото сè уште реагира на стрес со промени во срцевиот ритам, крвниот притисок и нивото на хормоните на стрес – вели Вадаван, кој е исто така и супервизор на студијата.

Секако, лековите, се унапредени.

Старите маски за вдишување етер одамна не се користат.

Наместо тоа, се користат интравенски анестетици, од кои најпознат е пропофол, седатив и хипнотик кој доби на популарност по смртта на Мајкл Џексон, но е многу ценет во операционите сали поради неговото брзо дејство и лесно закрепнување.

– Пропофолот делува во рок од околу 12 секунди. Го користиме за кратки операции како лапароскопска холецистектомија бидејќи не предизвикува „мамурлак“ што го предизвикуваат инхалационите анестетици – забележува Гоел.

Истражувачкиот тим сакал да открие дали музиката може да ја намали количината на пропофол и фентанил (опиоиден аналгетик) потребни за да се успијат пациентите.

Помалку лекови значат побрзи будења, постабилни витални знаци и помалку несакани ефекти.

Затоа ја осмислиле студијата.

По пилот-студија на осум пациенти, следела 11-месечна студија, во која учествувале 56 возрасни лица, на возраст помеѓу околу 20 и 45 години, кои биле случајно распределени во две групи.

Сите добиле иста комбинација од пет лекови: лек против гадење и повраќање, седатив, фентанил, пропофол и мускулен релаксант.

Пациентите во обете групи носеле слушалки со поништување на бучава, но само една група слушала музика.

– Ги замоливме пациентите да изберат помеѓу две смирувачки инструментални композиции – нежна флејта или пијано – вели Хусеин.

– Сè уште има области во потсвеста кои остануваат активни. Дури и ако музиката не се памети свесно, потсвеста може да произведе корисни ефекти.

Резултатите биле извонредни.

На пациентите кои слушале музика им биле потребни пониски дози на пропофол и фентанил.

Тие имале полесно закрепнување, пониски нивоа на хормонот на стрес кортизол и значително подобра контрола на крвниот притисок за време на операцијата.

– Бидејќи телото ја задржува способноста да слуша под општа анестезија, музиката може да ја обликува внатрешната состојба на мозокот – велат истражувачите.

Јасно е дека музиката ја смирила бурата во телото.

– Слушниот систем останува активен дури и кога сте во несвест.

– Можеби не се сеќавате на музиката, но вашиот мозок ја регистрира – вели Вадхаван.

Идејата дека умот под општа анестезија не е целосно мирен долго време ги интригира научниците.

Ретки случаи наприсуство на свест за време на операција под општа анестезија покажале дека пациентите можат да се сетат на делови од разговорите во операционата сала.

Ако мозокот е способен да регистрира и да се сети на стресни искуства за време на операцијата, дури и кога пациентот е во несвест, тогаш можеби е способен да регистрира и позитивни или утешни стимули, како што е музиката, дури и без свесно сеќавање.

– Тукушто почнуваме да истражуваме како несвесниот ум реагира на интервенции кои не се лекови, како што е музиката. Тоа е начин да се направи операционата сала похумана – вели Хусеин.

Музичката терапија долго време се користи во медицината – во психијатријата, закрепнувањето од мозочен удар и палијативната нега.

Но, нејзината примена во анестезиологијата, област доминирана од технологијата и машините, е голем скок напред.

Ако таква едноставна интервенција може, дури и скромно, да ја намали употребата на лекови и да го забрза закрепнувањето, таа би можела да го промени начинот на кој болниците размислуваат за благосостојбата на пациентите за време на операцијата.

Додека истражувачкиот тим се подготвува за својата следна студија за анестезија со музичка помош, која ќе се темели на претходните наоди, податоците веќе сугерираат едно нешто: Дури и кога телото е мирно, а умот спие, неколку нежни ноти се чини дека можат да го поттикнат закрепнувањето.

Share This Article