Новите европски правила за контрола на влез и излез од Европската Унија, познати како Систем за влез/излез (EES), официјално започнаа да се применуваат на 12 октомври, но засега делумно и ограничено, покажува состојбата на граничните премини со Република Грција и Република Бугарија, две соседни земји што се дел од ЕУ, кои македонските државјании често ги користат.
Според информациите што Плусинфо ги доби од Министерството за внатрешни работи, системот се воведува постепено, во рамки на транзицискиот период што трае до април 2026 година, за да се овозможи адаптација на сите земји членки и на патниците.
Грција го воведе системот – засега само за товарни возила
Од 12 октомври грчките гранични служби почнаа со примена на новиот Европски систем за влез/излез (EES), но само за возачи на тешки товарни возила што влегуваат во Грција, и тоа во периодот од 9:00 до 17:00 часот.
На граничниот премин Богородица/Евзони, опремата е поставена во дежурните служби на влез и излез, а регистрацијата се врши само за државјани на трети земји – односно лица кои не се државјани на ЕУ.
– Во овој почетен период, евиденцијата се однесува само на возачи на товарни моторни возила. Постапката ќе трае до 19 октомври, по што се очекува нејзино проширување и кон останатите категории патници – изјавија од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо.
Од тој датум, биометриска регистрација (внесување отпечатоци и фотографија) ќе треба да вршат и граѓаните што патуваат со автомобили или редовни автобуски линии при влез во Грција.
Регистрација и на Стар Дојран и Меџитлија
На граничниот премин Стар Дојран/Дојрани, поставени се по две дополнителни кабини за регистрација на влез и на излез. Таму се врши евиденција на сите државјани на трети земји во периодот од 08:00 до 16:00 часот.
На Меџитлија/Ники, опремата е поставена во постоечките гранични кабини, две на влез и една на излез. Регистрацијата засега се врши само при намален проток, без конкретно временско ограничување.
Во овој граничен пункт внесувањето на податоци се врши паралелно во стариот и новиот систем, а во наредниот период е планирано постепено зголемување на бројот на лица кои ќе се регистрираат, потврдија од МВР.
Кон Бугарија – без промени засега
На граничните премини со Република Бугарија, новиот систем за биометриски податоци и отпечатоци сè уште не е применет, нè информираа од МВР.
– Системот не е активен на премините кон Бугарија. Очекуваме постепено воведување во следните месеци, согласно динамиката на бугарските власти – нагласуваат од Министерството.
Транзициски период до април 2026 година
Воведувањето на ЕЕС системот е дел од транзицискиот период што Европската Унија го предвиде за своите членки, во траење од октомври 2025 до април 2026 година.
Дотогаш, дел од патниците ќе продолжат да добиваат печат во пасошите, додека другите ќе бидат евидентирани електронски.
Од 10 април 2026 година, печатите во пасошите целосно ќе бидат заменети со дигитални записи, а сите земји од Шенген-зоната ќе го користат системот на своите надворешни граници – копнени, воздушни и поморски.
Што е Системот за влез/излез (EES)?
Новиот европски Систем за влез/излез (Entry/Exit System – EES) е дигитална база на податоци која ги заменува класичните печати во пасошите.
Секојпат кога државјанин на трети земји (како Македонија) ќе влезе или ќе излезе од Шенген-зоната, системот ќе ги запише биометриските податоци – отпечатоци и фотографија, како и времето и местото на влез и излез.
Ова ќе овозможи побрза и поточна контрола на границите, автоматско пресметување на дозволениот престој (90 дена во 180-дневен период), како и спречување на злоупотреби и нелегални престои.
Што треба да знаат Македонците?
При патување во Грција или друга земја членка на Шенген, македонските државјани треба да бидат подготвени за дополнителна биометриска проверка – фотографирање и давање отпечаток од прст. Процедурата ќе трае само неколку минути, но може да доведе до повремени задржувања на граница, особено во првите месеци на примената.