Низ цела јужна Европа денеска продолжи топлотниот бран, со зголемен ризик од избувнување пожари, а се очекува овој феномен утре да биде уште поинтензивен во Италија, Шпанија и Португалија.
Во Франција, утре и задутре се очекува температура до 35 степени Целзиусови во најмалку две третини од земјата, со „многу непријатни“ ноќи со минимална температура од 20 степени, изјави метеоролог од Météo-France. Феноменот денеска го зафати југот на земјата втор ден по ред, а потоа се прошири кон север, носејќи и зголемен ризик од пожари. Се очекува да трае најмалку до вторник. Météo-France предвидува дека температурите денеска попладне во департманите каде е издаден портокалов аларм ќе достигнат меѓу 34 и 38 степени Целзиусови, а во крајбрежјето „повремено ќе се приближат до температура од 40 степени Целзиусови“.
Причината за новиот топлотен бран во Франција е таканаречената „топлинска купола“ – голем, силен систем на висок притисок кој формира своевиден капак над одредена област, и го блокира циркулирањето на воздухот во долните слоеви, спречувајќи „влегување“ на временски нарушувања и истовремено постепено загревајќи го воздухот. Градските власти на јужниот град Марсеј ги известија граѓаните дека влезот на сите градски базени ќе биде бесплатен и објавија мапа на јавни места со клима уреди.
Во изминатите две недели во Ница, на училиштата им беа испорачани речиси 250 преносни вентилатори, а беше организирана и дистрибуција на вентилатори за постари лица кои живеат сами.
Во Италија за денеска за 17 градови беше издадено црвено предупредување за топлотен бран, што вклучуваше и градови на север како Милано, Болоња и Торино. На југ, особено во Неапол и Палермо, се очекуваат температури и до 39 степени Целзиусови. Утре предупредувањето за топлотен бран ќе се прошири на 21 италијански град. Некои италијански региони, како Лигурија и Сицилија, издадоа наредби со кои се забранува работа на отворено во текот на најризичните часови, а синдикатите се ангажираа да ја прошират нивната реализација и на други региони. Новинската агенција Анса јави дека поради жештината минатата недела пораснал бројот на повици до итните медицински служби.
Во Рим, термометарот веќе во 10:00 часот по локално време покажуваше 30 степени Целзиусови, а се предвидува дека температурите денеска ќе достигнат до 37 степени Целзиусови. Слична е ситуацијата и во Венеција. Бројни туристи кои денеска пристигнаа во Вечниот Град се обидуваа да се заштитат од жештината со капи и други покривки за глава, креми за сончање или гасејќи ја жедта на некоја од јавните фонтани.
Во Шпанија, за денеска за неколку региони беше издаден портокалов аларм поради високите температури кои се последица на првиот овогодишен летен топлотен бран, а во некои делови од земјата достигнуваат и до 42 степени Целзиусови, покажуваат податоците на Шпанската државна метеоролошка агенција (Aemet). Уште повисоки температури се очекуваат утре и задутре, кога температурите во југозападниот дел од земјата и во некои делови на североисток би можеле да надминат 40 степени Целзиусови.
„Се очекува температурите во подрачјето на реките Гвадалкивир, Гвадијана, Тагус но и Ебро да достигнат и до 42 Целзиусови степени, соопшти Aemet. Поради интензивната жештина, температурата на морето во шпанското крајбрежје и околу Балеарскиот архипелаг надмина 26 степени Целзиусови, што е рекордна бројка за овие датуми и е типична за средината на август“, стои во извештајот на Aemet на X, и се додава дека последните три години се најтопли забележани во историјата на Шпанија.
Слична е ситуацијата и во Португалија. Таму, за утре за две третини од земјата е издаден портокалов аларм. Температурите ќе достигнуваат до 42 степени Целзиусови, што се однесува и на главниот град Лисабон, а издадено е и предупредување за голем ризик од пожари.