Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема да се согласи на преговори за делумно примирје и за договор за ослободување на заложниците со палестинската милитантна група Хамас, објави Канал 12, повикувајќи се на неименувани извори блиски до израелскиот премиер.
Нетанјаху е подготвен само да разговара за сеопфатен договор што би ја завршил војната според неговите услови и би обезбедил ослободување на сите преостанати заложници.
– Премиерот би бил подготвен да преговара под условите што ги поставивме за завршување на војната и само ако сите заложници бидат вратени. Дотогаш, ние воопшто нема да учествуваме во преговорите – рекоа неименуваните извори, според Тајмс оф Израел.
Ставот на Нетанјаху за тоа дали да се оди кон делумен или кон сеопфатен договор е нејасен откако кабинетот за безбедност минатиот четврток одлучи да го заземе градот Газа, додаде Канал 12, забележувајќи дека сега се чини дека тој е на страната на својот врвен советник, министерот за стратешки прашања Рон Дермер, кој наводно се изјаснил против какви било делумни договори за време на состанокот на кабинетот.
Кабинетот за безбедност на Израел го одобри планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, Израелските одбранбени сили (ИДФ) да ја преземат контролата врз градот Газа.
Според планот, израелските одбранбени сили би влегле во северниот дел од енклавата, а воедно би им обезбедиле хуманитарна помош на жителите надвор од борбените зони.
Операцијата би можела да бара масовна евакуација на околу 800.000 луѓе.
Израел може да го откаже планот за окупација на Газа под еден услов
Неименувани дипломатски извори, на кои се повикува израелскиот весник „Хаарец“, изјавија дека израелското политичко раководство би можело да го откаже или да го одложи планот за воена окупација на градот Газа доколку палестинската милитантна група Хамас покаже подготвеност да направи значителни отстапки во постигнувањето договор за прекин на огнот и за ослободување на заложниците.
Истовремено, весникот ги објавува изјавите на неименувани израелски извори, кои наведуваат дека има мали шанси двете страни да успеат да ги надминат преостанатите несогласувања, пренесува Тајмс оф Израел.
Неименувани палестински извори, запознаени со прашањето, изјавија за „Хаарец“ дека подготвеноста на Хамас да постигне напредок во преговорите зависи од тоа дали Израел ќе се откаже од својот план за преземање на градот Газа.
Според весникот, главниот преговарач на Хамас, Калил ал-Хаја, беше во Каиро како дел од напорите за оживување на преговарачкиот канал меѓу Хамас и Египет за постигнување договор за прекин на огнот во Газа.
Хамас е информирана за новиот предлог за прекин на огнот во Газа
Преговарачите на палестинската милитантна група Хамас се информирани за новиот предлог за прекин на огнот во Газа, подготвен од Египет и од Катар, со помош на Турција, кој би вклучувал крај на војната и ослободување на сите заложници, објавува Скај њуз арабик.
Според извештајот, договорот би предвидувал ослободување на сите заложници, и мртви и живи, во замена за палестински затвореници, додека Израел би ги повлекол своите воени сили „под надзор на арапско-американска коалиција“ додека не се постигне договор за разоружување на Хамас и за повлекување од управувањето со Газа, објавува „Тајмс оф Израел“.
Во меѓувреме, Турција и другите медијатори би гарантирале прекин на сите воени активности на Хамас, дозволувајќи да започнат разговори за траен крај на војната.
Според извештајот, доколку Хамас ги прифати условите на предлогот, тој би бил доставен до американските медијатори за да му биде доставен на Израел.
Скај њуз го претставува предлогот како наменет за „отстранување на секој изговор за окупација на Газа“ од страна на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Извештајот беше објавен откако делегацијата на Хамас се врати во Каиро, како дел од обновените напори за повторно започнување на преговорите за прекин на огнот, кои се во ќорсокак.