Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе предложи целосна повторна окупација на Појасот Газа кога ќе се сретне со неговиот кабинет за безбедност, пишуваат израелските медиуми.
„Коцката е фрлена. Се движиме кон целосно освојување на Појасот Газа – и пораз на Хамас“, локалните новинари цитираа високиот функционер, пишува Би-Би-Си.
Одговарајќи на извештаите дека началникот на армијата и другите воени лидери се спротивставуваат на планот, неименуваниот функционер рече:
„Ако на началникот на Генералштабот не му се допаѓа, треба да поднесе оставка“, пренесува медиумот.
Семејствата на заложниците стравуваат дека ваквите планови би можеле да ги загрозат нивните најблиски, бидејќи се верува дека 20 од 50 се живи во Газа, додека анкетите покажуваат дека тројца од четворица Израелци се за договор за прекин на огнот, за да можат да се вратат.
„Многу од блиските сојузници на Израел, исто така, би го осудиле таквиот потег додека се залагаат за крај на војната и акција за ублажување на хуманитарната криза“, пишува Би-Би-Си.
Во Израел, стотици пензионирани израелски безбедносни службеници, вклучувајќи ги и поранешните шефови на разузнавачките агенции, објавија заедничко писмо до американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот, барајќи од него да изврши притисок врз Бенјамин Нетанјаху да ја прекине војната.
Еден од потписниците, поранешниот шеф на домашната разузнавачка агенција Ами Ајалон, изјави за Би-Би-Си дека понатамошните воени дејствија би биле залудни.
– Од воена гледна точка, Хамасе целосно уништен. Од друга страна, како идеологија, тој добива сè поголема моќ меѓу палестинскиот народ, на арапските улици околу нас, а исто така и во исламскиот свет. Значи, единствениот начин да се победи идеологијата на Хамас е да се претстави подобра иднина – рече Ајалон.