Плачот на дете во публиката накратко го прекинал мечот во Синсинати меѓу Ема Радукану и нејзината соперничка Арина Сабаленка. При резултат 4:3 и 40:40 на сервис на Радукану, таа одбила да продолжи бидејќи едно дете во публиката плачело.
– Така е веќе десет минути – ѝ рекла Радукану на главната судијка.
Судијката возвратила:
– Тоа е дете. Сакате да го избркам од стадионот?
Британката ги кренала рамената, на што публиката извикувала „да“. Детето сепак останало на трибините.
Сабаленка по три часа и 12 минути ја победи Радукану со 7:6, 4:6, 7:5.
Спортските медиуми пишуваа и за необичната случка на мечот меѓу Италијанецот Јаник Синер и Канаѓанецот Габриел Дијало, кој Синер го добил со 6:2, 7:6. Почетокот бил одложен поради продолжен натпревар меѓу Тејлор Фриц и Лоренцо Сонего поради прекин на струја. Во вториот сет на мечот на Синер, се вклучил противпожарен аларм и предизвикал кратка паника, но играчите продолжиле.
– Беше многу тежок ден. Сервираше добро, особено во вториот сет… Ако не играш добро во вакви тешки ситуации, можеш да изгубиш вакви натпревари – истакнал Синер по триумфот.