Топ Вести - Слушај сега
Министерство за внатрешни работи ја информира јавноста за законските измени во делот на управната постапка која се однесува на возачките дозволи и начинот на извршување на прекршочната санкција „Забрана за управување со моторно возило“, определена со правосилни судски пресуди.
Согласно новите законски одредби, извршувањето на забраната повеќе не се врши со физичко впишување во возачката дозвола. Со ова се укинува потребата граѓаните дополнително да плаќаат за издавање нова возачка дозвола со впишана забрана, со ист рок на важност.
Наместо тоа, воспоставен е дигитален систем на известување преку две текстуални пораки (SMS) и електронска пошта (e-mail).
Граѓаните ќе ја добијат првата порака приближно седум дена по пополнувањето на изјавата со контакт податоци. Оваа порака содржи информации за видот и времетраењето на изречената забрана.
Осум дена по примањето на првата порака, на граѓаните ќе им биде доставена втора порака. Забраната за управување со моторно возило официјално започнува да тече од моментот на приемот на втората порака.
Министерството во следната фаза ќе овозможи извршувањето на забраната да започнува веднаш по ажурирањето на податоците.
Досега, согласно новиот начин на извршување, реализирани се над 3.000 забрани за управување со моторно возило, изречени со правосилни судски пресуди.
Од МВР нагласуваат дека забраната не започнува да тече од денот на пополнување на изјавата во Одделенијата за управни работи, туку исклучиво по приемот на втората текстуална порака.
МВР ги повикува сите граѓани за кои има донесено правосилни пресуди со ваков вид санкција, а кон кои е испратена покана од Министерството, да се упатат во надлежните организациони единици за управни работи.
Целта на посетата е доставување и ажурирање на личните контакт податоци (број на мобилен телефон и е-маил адреса), што е неопходен предуслов за правилно и навремено извршување на санкцијата и избегнување дополнителни недоразбирања.
– Ги известуваме и сите граѓани кои имаат за цел да избегнат извршување на забраната, а за кои Министерството веќе располага со контакт податоци, дека санкцијата ќе биде реализирана, а тие ќе бидат известени преку СМС порака и електронска пошта – велат од МВР.
Покрај извршувањето на забраните изречени со правосилни судски пресуди, паралелно и целосно автоматизирано се спроведува и извршувањето на забраните констатирани преку системот Безбеден град. Известувањето се врши на ист начин – преку СМС порака и електронска пошта – за сторени прекршоци за кои според закон е предвидена ваква санкција и за кои граѓаните ја прифатиле одговорноста и ја платиле предвидената глоба.
Со воведувањето на овие измени, процесот станува побрз, поефикасен и значително се намалуваат административните процедури за граѓаните.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
