Не почна судењето против Раде Трајковски-Штекли, кој е обвинет за трговија со дрога, заедно со уште 9 лица. Наместо во 10 часот, кога беше закажано, почетокот на судскиот процес во Кривичниот суд се очекува да почне со задоцнување од час и половина, а можно е да биде одложен.
Судијата Илија Трпков соопшти дека добил известувањето од затворот „Скопје“ дека обвинетиот Трајковски е хоспитализиран на Клиниката за неврологија поради здравствени проблеми. Во известувањето е наведено дека Трајковски утрово бил неконтактибилен и дезоринетиран поради што со болничко возило е пренесен во Клиничкиот центар на преглед.
– Според известувањето, обвинетиот имал напади и во текот на вчерашниот ден, а денеска бил однесен во здравствена установа – рече судијата Трпков.
Тој го одложи почетокот на рочиштето за подоцна, по 11 часот, во очекување дека по лекарските прегледи Трајковски ќе биде спроведен во Кривичниот суд, за да почне судењето.
Обвинението против групата на Раде Трајковски-Штекли беше поднесено на крајот на мај, по истрагата на Основото јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Како што соопштија тогаш од ОЈО ГОКК, тој и уште 9 лица се товарат за продажба на марихуана и на кокаин на територијата на Скопје.
Трајковски беше приведен на 19 јануари оваа година, а следниот ден му беше одреден притвор.
Истрагата против групата на Штекли почна со 15 осомничени, а стигна до 17 лица. Во обвинителниот акт се опфатени 10 лица во обвинителниот акт е затоа што во меѓувреме 7 од осомничените се спогодија со Обвинителството и добија затворски казни од 3 години до 3 години и 6 месеци затвор зависно од степенот на инволвираност во кривичните дела.
„Во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година обвинетите како повеќе лица се здружиле во криминална група која на територијата на град Скопје се занимавала со неовластена трговија со наркотични дроги – кокаин и марихуана. Врз основа на прибавените докази во истражната постапка утврдено е дека групата била јасно структурирана и имала строго дефинирани улоги меѓу членовите – од набавка и складирање, до пакување, транспорт и продажба на дрогата. Дрогата била складирана во специјално изнајмени станови, а потоа во помали количини дистрибуирана и продавана на наркопазарот, по утврдени цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Парите од продажбата се предавале на првообвинетиот, кој како награда дел од парите им давал на останатите обвинети, а воедно им давал и насоки за проширување на мрежата на препродавачи. Членовите на групата користеле мрежа на препродавачи и посредници од кои седуммина опфатени во овој предмет ја признаа вината и се спогодија со обвинителството и притоа добија затворски казни“, соопштија од ОЈО ГОКК на 27 мај.
За потсетување, Трајковски изминатите 2 години, пред да биде уапсен преживеа неколку обиди за ликвидација. Во него беше пукано во трговски центар, а беше фрлена и експлозивна направа во дворот од неговиот дом во скопската населба Ќерамидница.