Илјадници верници се собрани на плоштадот Свети Петар во Рим, чекајќи да се појави чадот од тесниот оџак на покривот на капелата, на крајот на денот богат со ритуали и славење.
Повеќе од две недели по смртта на папата Франциско, 133 кардинали во Сикстинската капела ја почнаа денес конклавата за избор на нов поглавар на Римокатоличката црква, која може да трае со часови, денови, па дури и месеци.
Со кардинали од 70 земји од пет континенти, оваа конклава е најголемата некогаш организирана.
Ројтерс пренесува дека собраните морале да бидат трпеливи бидејќи поминало повеќе време од очекуваното да се појави чадот, повеќе од три часа од почетокот на конклавата.
Тоа е еден час повеќе отколку што било потребно за да се види чад по првото гласање на конклавата во 2013 на која беше избран покојниот папа Франциско.
Кога ќе се избере папа, ќе се појави бел чад, но не се очекуваше тоа да се случи денес – папата во модерно време никогаш не бил избран на првиот ден на конклавата.
Нема јасен фаворит, иако се смета дека италијанскиот кардинал Пјетро Паролин и филипинскиот кардинал Луис Антонио Тегле имаат најголеми шанси.
Папата Франциско, роден како Хорхе Марио Бергољо во Буенос Аирес во Аргентина, почна на Велики понеделник, 21 април 2025 година, во 88 година од животот, во својата резиденција во Ватикан.