Во најкус временски период ќе знаеме точно кој метод ќе го примениме при изградбата на хидроцентралата Чебрен, но секако сакаме да биде македонски државен проект, истакна денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
-Најубаво е како држава сами да ја изградиме, но се работи за проект кој ќе чини најмалку 1 милијарда евра што не е мала ставка знаејќи каков ни беше Буџетот – рече Божиновска.
Таа информира дека уште во декември е формирана работна група за Чебрен под координација на Министерството која веќе имаше неколку состаноци.
-Проектите за Чебрен кои се во ЕСМ се од 1962 година и досега имаше 14 неуспешни тендери. Овој пат сакаме се да направиме како што треба. Разгледуваме дали ќе биде Чебрен со Галиште, колку метри ќе биде браната и при крај сме со пресметките колку тоа ќе чини – појасни Божиновска.
Еве како изгледа теренот каде што треба да се гради хидроелектраната.
За новиот Закон за енергетика, што беше изгласан неделава во Собранието, рече дека се чека да биде потпишан од претседателката и да стапи во сила, потенцирајќи дека е битно што е направен првиот чекор и е донесен законот.
-Некои работи што се предвидени во Законот веќе почнавме да ги работиме како што е енергетската сиромаштија за која веќе се изработува методологијата. Некои фирми веќе ги разгледуваат опциите за изградба на батерии за складирање на електрична енергија произведена од обновливи извори. Тоа значи дена неколку работи се веќе почнати, но станува збор за процес. Нешто ќе биде брзо, а нешто пополека зашто ќе треба да се изработат и подзаконски акти – оцени Божиновска.