Полицијата на прес-конференција во 18 часот соопшти дека во нападот во училиштето Oребро, на околу 200 километри западно од Стокхолм, загинале околу 10 лица, јавија светските агенции.
– Не можеме да бидеме попрецизни од тоа. Работиме на идентификување на убиените – велат тие.
Напаѓачот од претходно не и бил познат на полицијата. Полицијата верува дека тој дејствувал сам. Неофицијално, медиумите наведуваат дека напаѓачот се застрелал, но се уште нема вести дали им подлегнал на повредите.
– Веќе нема никаква опасност – соопшти полицијата.
Полицијата не дава информации за возраста на жртвите.
Мотивот за овој страшен настан е непознат, тврди директорот на градската полиција Роберто Еид Форест, но се чини дека не станува збор за тероризам или за организиран криминал.
Неколку шведски медиуми јавуваат дека 11 лица загинале, а неколку други се повредени. Претходно беше соопштено дека во Универзитетската болница се згрижени шестмина повредени.
Претходно шведската полиција соопшти дека пет лица биле застрелани во едукативен центар за возрасни во овој шведски град. Според информациите кои ги пренесува „Афтонбладет“, било пукано и кон полицијата.
Нападот се случи околу 13 часот во образовен центар за возрасни во рамките на кампус, во кој се наоѓаат и други училишта. Весникот „Афтонбладет“ објави дека нападот го извршил 35-годишник, кој пукал со автоматско оружје.
– Ова е болен ден за сите во Шведска. Операцијата и натаму е во тек и важно е јавноста да ги следи упатствата на полицијата. Ова е екстремно сериозно – изјави премиерот Улф Кристерсон.