Во првите 12 часа забележани се неверојатни 65.000 прекршоци преку системот „Безбеден град“ (Safe City), соопшти министерот за бнатрешни работи Панче Тошковски.
– Со овој проект започнуваме нова етапа во унапредувањето на сообраќајната безбедност – сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат електронско известување за сторениот прекршок, документиран со современи технички средства и уреди за снимање. Нашата цел е јасна: повеќе безбедност, помалку прекршоци и нулта толеранција за несовесно возење, без разлика дали се работи за урбана зона или пат надвор од населено место – рече Тошковски.
Во првите 12 часа од пробното функционирање на системот се регистрирани неверојатни 65.000 прекршоци од кои за поминување на црвено светло 2.800 и за нерегистрирано возило 1.000.
– Оваа алармантна бројка уште еднаш ја потврдува неопходноста и оправданоста на системот, од кој очекуваме значително подобрување на сообраќајната култура, зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот и намалување на штетите и жртвите на патиштата. Со „Безбеден град“ обезбедуваме подобра дисциплина во сообраќајот, транспарентни процедури и брза електронска комуникација со граѓаните. Овој систем е инвестиција во спасени животи и побезбедни улици за сите – додава тој.
Министерот порача дека посветено се продолжува со модернизација на процесите и унапредување на квалитетот на работата на МВР.



























