Легендарниот актер Вилијам Шатнер, најпознат по улогата на капетан Кирк во серијата „Ѕвездени патеки“, на 94-годишна возраст доживеал итна медицинска ситуација и бил однесен во болница со брза помош откако имал проблеми со нивото на шеќер во крвта, објавија американските медиуми.
Според информациите достапни за јавноста, Шатнер почувствувал ненадејни здравствени проблеми во среда попладне додека бил во својот дом во Лос Анџелес. Веднаш повикал брза помош, а на неговата адреса пристигнала спасувачка екипа. Откако бил прегледан, актерот бил префрлен во блиската болница каде што бил задржан на понатамошен медицински третман. Изворите велат дека Шатнер моментално се чувствува добро и се одмара.
И покрај неговата возраст, Шатнер сè уште има активна актерска кариера и работи на неколку нови проекти. Минатиот месец, тој учествувал на панел-дискусија на „Dragon Con“ во Атланта, каде што повторно го потврди својот статус на еден од најомилените херои меѓу љубителите на научна фантастика.
Неговата улога како капетан Џејмс Т. Кирк, која ја играше од 1966 до 1969 година, остана запишана како едно од најважните достигнувања во историјата на телевизијата. Шатнер ѝ се врати на оваа улога неколку пати – во анимираната серија и во седум филмски продолженија до 1994 година. Публиката го памети и по бројни други телевизиски проекти, меѓу кои се издвојува главната улога во криминалната серија Т.Џ. Хокер.
Неговиот приватен живот беше исто толку често во центарот на вниманието. Шатнер бил во брак четири пати, а особено се истакнувала неговата долгогодишна врска со Елизабет Мартин. По осумнаесет години брак, тие се развеле во 2019 година, но повторно се зближиле за време на пандемијата. Тие биле видени заедно неколку пати во последните неколку години, а медиумите често шпекулираат за повторен брак, иако нема официјална потврда.
Самиот актер во интервјуата признал дека тој и Елизабет се „во суштина повторно венчани“, иако формално не ги обновиле своите завети. Неговите претходни бракови, исто така, предизвикале јавен интерес, особено трагичната судбина на неговата трета сопруга, Нерина Кид, која починала во несреќа во 1999 година.
Без оглед на неговите лични подеми и падови, Шатнер никогаш не криел колку му значат семејството и љубовта. Во едно интервју од 2023 година, тој ја нарекол својата партнерка „зачин на животот“, уште еднаш покажувајќи дека, и покрај сите предизвици, тој пристапува кон животот со ведрина и страст.
Инаку, во 2021 година Шатнер беше еден од почесните вселенски туристи на вселенското летало „Блу Ориџин“ на Џеф Безос и на 90-годишна возраст беше награден со титулата најстар човек во вселената. За своето искуство се отворил на страниците од својата автобиографија кадешто признал дека е разочаран.
– Вселената не е она што мислев. Моето патување во вселената требаше да биде прослава, а наместо тоа се чувствував како на погреб. Ги сакам мистериите на универзумот, но кога погледнав длабоко во вселената, немаше мистерија, никаква величина. Сè што видов беше смрт, студена, темна, црна празнина – признава Шатнер во еден пасус.