Францускиот министер за наука и истражување Филип Батист изјави дека на неименуван француски научник му бил забранет влез во САД овој месец, откако службениците за имиграција на аеродромот го пребарале неговиот телефон и пронашле пораки во кои тој изразува критики за администрацијата на Доналд Трамп.
Баптист изјави за агенцијата Франс прес во понеделникот, во изјава објавена во Монд: „Со загриженост дознав дека на францускиот истражувач, кој беше на задача за францускиот Национален центар за научни истражувања (CNRS) и патуваше на конференција во близина на Хјустон, му беше забранет влез во Соединетите држави пред да биде депортиран. Според него, американските власти ја презеле оваа мерка бидејќи телефонот на истражувачот содржел размени со колеги и пријатели во кои тој искажувал лични мислења за истражувачката политика на Трамп.
Дипломатски извор изјави за АФП дека инцидентот се случил на 9 март. Друг извор додаде дека американските власти го обвинија францускиот истражувач за „пораки што поттикнуваат омраза и заговор“. Истражувачот бил известен и за истрагата на ФБИ, но му било кажано дека „обвиненијата биле отфрлени“ пред да биде депортиран.
Министерот Баптист е познат по критиките кон администрацијата на Трамп и Елон Маск за големите кратења на буџетите за научни истражувања. На денот кога на истражувачот му беше забранет влезот во САД, Баптист објави писмо во кое ги повика американските истражувачи да се преселат во Франција. „Многу познати истражувачи веќе ја преиспитуваат својата иднина во Соединетите Држави“, напиша тој. Следниот ден, Баптист сподели фотографија од виртуелен состанок со истражувач од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мериленд, кој ја прифатил поканата од Универзитетот Екс-Марсеј да биде домаќин на истражувачи кои сакале да ги напуштат САД.
На 12 март, Баптист сподели видео од телевизиско појавување на платформата X во кое жали за начинот на кој истражувањата за здравјето, климата, енергијата и вештачката интелигенција „се уништуваат во Соединетите Американски Држави“. Во истото интервју, Баптист изјави дека „го слушнал Илон Маск како вели дека Меѓународната вселенска станица треба да биде затворена во 2027 година. За кого зборуваме? Шефот на SpaceX? Шефот на американската државна служба? Ништо од ова нема смисла“, објави Гардијан.