За време на разговорите меѓу САД и Русија во Саудиска Арабија, Москва наводно побарала САД да ги повлечат силите на НАТО од Источна Европа како услов за „нормализација на односите“, објави Фајненшл тајмс (ФТ), цитирајќи двајца официјални претставници од регионот.
Делегацијата на САД, наводно, го одбила барањето, но останува загриженоста за тоа какви отстапки би можел да размисли претседателот Доналд Трамп за да постигне договор со Русија, пишува Киев Индипендент.
Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер ќе го посетат Вашингтон следната недела, каде се очекува да го повикаат Трамп да не попушта пред руските барања.
Еден источноевропски функционер, кој побара да остане анонимен, изјави за ФТ дека регионалните влади се сè позагрижени за насоката на американско-руските разговори. Тие се загрижени и за тоа колку сериозно Белата куќа ќе ги сфати нивните грижи.
Кристијан Дијаконеску, началник на кабинетот на романскиот претседател, предупреди дека дијалогот меѓу САД и Русија се заканува да создаде „нова конференција во Јалта“, алудирајќи на состанокот во 1945 година кога сојузниците ја поделија повоена Европа.
Рускиот претседател Владимир Путин често тврди дека НАТО претставува закана за Русија, обвинувајќи ја Алијансата дека сака да ги прошири своите граници кон исток.
Москва постојано ја користеше можноста Украина да се приклучи на НАТО како едно од оправдувањата за започнување на нејзината сеопфатна инвазија.
Киев тврди дека пристапувањето во алијансата ќе и обезбеди на Украина клучни безбедносни гаранции и ќе спречи идни напади на нејзина територија.