Дваесет и двегодишна девојка од Скопје била насилно киднапирана во Струга, а неколку часа подоцна се појавила повредена и побарала медицинска помош во скопската болница „8 Септември“. Случајот го потврдија од Министерството за внатрешни работи.
Како што информираат од полицијата, на 12 јуни 2025 година, околу 04:30 часот во Полициската станица Струга било пријавено дека околу 02:00 часот на улицата Маршал Тито во Струга, лицето А.Н. и уште едно засега непознато лице со употреба на физичка сила ја внеле С.Е. (22) од Скопје во патничко возило и заминале во непознат правец.
Неколку часа подоцна, поточно во 09:11 часот, во Секторот за внатрешни работи Охрид било пријавено од страна на лекар од Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје дека С.Е. се појавила во установата и побарала медицинска помош, при што ѝ биле констатирани телесни повреди.
Од МВР додаваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.