Ветивме победа, имаме победа. Вечерва Македонија не избра партија, туку насока. Но, оваа убедлива победа не е крајот, ова е само почеток на новата македонска енергија мирна, одлучна и праведна, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес конференција.
– Оваа победа ја градевме со работа, со упорност. Патот не е е лесен, но Македонија има сила и луѓе и волја. Вечерва не славиме, туку ветуваме дека ќе работиме уште повеќе, секој глас ќе го претвориме во дело. Ветуваме дека оваа победа ќе ја мериме со направени дела, а не со брајки. Пред нас се уште 2 недели. Ова не е време за опуштање, туку за последниот напор. Секој глас што ќе остане дома е подарок за оние што ја уништуваат Македонија. Тезата дека имало нерегуларности не е издржана и е плитка. Ги имавме најдемократските избори досега. Сѐ друго е алиби за да се оправда слабиот резултат на опозицијата – рече Мицкоски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат победа во над 30 општини во првиот круг.
– Имаме победи во општини каде СДСМ имаше свои градоначаници, победивме убедливо во прв круг во Струмица. 20 години чекавме на овој ден. Огромно водство има Орце Ѓорѓиевски во Скопје, каде е извесен победник во вториот круг. Водиме во Карпош, сигурен сум дека ќе имаме победа во вториот круг, јасен е трендот дека граѓаните бараат промени во Карпош – рече Мицкоски.
Тој најави дека во следните 2 недели ќе одат од човек до човек за да потсетат дека оваа држава е наша.
– Промената што ја донесовме мора да се потврди. На вториот круг да излеземе масовно за да ја заокружиме победата – повика Мицкоски.
Според него, овие избори се порака и за ДУИ.
– Кога Ахмети велеше дека менувал премиери, му реков полека почекај да го видиш резултатот. Политиките за вештачки теми, за орли и зајци, за теми небитни за граѓаните се поразени. Во вториот круг нема место за поделби, нема мали и големи општини, ова е моментот кога треба да бидеме едно, со срце и разум и со љубов за Македонија – рече тој и ги повика сите граѓани да ја видат искрената намера на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.