Премиерот Христијан Мицкоски денеска на донаторска конференција од амбасадорите и од претставниците на донаторската заедница побара партнерства и заеднички проекти за реализација на целите од Националната развојна стратегија 2024-2044.
– Ова не е само документ, не е само визија на една влада – тоа треба да биде стратегија на сите, затоа што сите сме заедно во ова. Имаме капацитет, имаме и потенцијал и, што е најважно, имаме луѓе коишто се подготвени да работат, да градат и да создаваат. Националната развојна стратегија за периодот 2024-2044 година е највисок обединувачки, развоен и визионерски документ за следните 20 години. Основната цел е да биде сеопфатен стратешки документ, кој ќе овозможи фундаментална трансформација, односно спроведување на суштински национални промени и трасирање на развојната траекторија на земјата – рече премиерот Мицкоски.
Тој им посака добредојде на присутните на првиот состанок на Управниот одбор на Националната развојна стратегија, кој е помошно тело на Националниот совет за развој.
– Заедно со членовите на Управниот одбор, односно министерката за финансии и со генералниот секретар, одлучивме првиот состанок да го организираме во проширен состав со ваше присуство како партнери и наши поддржувачи на реформскиот пат кон Европската Унија и кон градење на демократско, просперитетно и економски силно општество на успешни и среќни луѓе – рече Мицкоски.
Подготовката на стратегијата, потенцира Мицкоски, била инлузивна, со вклученост на граѓаните, институциите и на сите засегнати страни. Документот е подотвен и е усвоен со политички консензус.
– Од самиот почеток до финалниот текст, стратегијата се градеше низ транспарентен и отворен процес, во кој учествуваа повеќе од 200 претставници од министерствата, над 60 пратеници и градоначалници, повеќе од 1.000 млади, над 100 граѓански организации, како и бројни академски и истражувачки институции и претставници од бизнис секторот. Ова овозможи детално да се разгледаат предизвиците со што се создаде основа за утврдување на клучните развојни прашања и приоритети – рече премиерот.
Но, за да стигнеме таму каде што сакаме да бидеме, потенцира тој, мора да направиме вистински, храбри промени и тоа не само во зборови, туку со конкретни дела и реални резултати.
– Мора да се движиме напред. Сите знаеме дека денес состојбата не е онаква каква што треба да биде. Државата ја извлекуваме од кризата која предолго траеше, каде луѓето беа разочарани, младите си одеа, економијата стагнираше, институциите не функционираа како што треба, а корупцијата и неправдата беа секојдневие – рече Мицкоски.
Тој објасни дека развојната стратегија се заснова на неколку клучни приоритети, со земјата треба да се претвори во земја на можности.
Нема успешна држава без силна економија и ако сакаме да ја градиме иднината, мора да ја зајакнеме економијата, потенцира Мицкоски.
– Спроведуваме даночни реформи кои имаат задача да ги олеснат условите за бизнисите, да ја намалат бирократијата и да создадат конкурентна економска средина. Многу е важно да обезбедиме енергетска независност. Ќе имаме производство на електрична енергија од домашни извори, со што ќе ги модернизираме постоечките капацитети, но исто така, многу е важно за изградиме нови капацитети, со што ќе поддржиме инвестициите на државните компании. Ќе ги поддржуваме и приватните инвестиции. За една од нив очекуваме камен темелникот да биде поставен кон крајот на јуни, со што ќе имаме околу 20 проценти ново производство на електрична енергија од обновливи извори, во случајот тоа е ветерот – рече Мицкоски.
Тој најави новини во високото образование.
– Се подготвува новиот закон за високо образование, во којшто, како Влада ќе обезбедиме бесплатен пристап на државните универзитети на две многу значајни научни бази на научни списанија. Со пристапот на овие бази, нашите научници ќе можат правилно да ги индексираат своите научни трудови. И барем еден од универзитетите ќе биде меѓу првите 1.000 и зошто да не биде меѓу првите 500 најдобри универзитети во светот. Ова за прв пат ќе се случува сега, досега тоа не било случај. Исто така, целта ни е секој научен труд којшто ќе биде прифатен од страна на научните списанија, кои што се дел од овие две најдобри светски бази на научни списанија, да биде платен од страна на Владата. Целта ни е од сегашните 300 труда на национално ниво годишно, прават годинава да дојдеме до 600, а потоа да прогресираме и повеќе од 1.000. Со тоа цениме дека високото образование и нашите универзитети ќе влезат во оптиката на идните студени, па наместо ние да испраќаме студенти надвор, да привлекуваме студенти тука кај нас – рече Мицкоски.
Тој додаде и дека има инвестиции во училиштата, спортските сали и во предучилишниот развој.
– Без квалитетна инфраструктура, нема развој. Покрај тоа што ги завршивме отпочнатите проекти во делот на експресните патишта и дел од делниците во железницата, преку трансфер на 250 милиони евра во општините, ќе инвестираме во изградба на нови булеварски решенија, улици, канализации, водоводи итн. Тоа ни е многу важно, бидејќи цениме дека нашата стратешка предност е тоа што сме природна раскрсница на два многу значајни коридори, 8 и 10. Модерни патишта, брзи железници, подобрени јавни услуги и дигитална поврзаност – рече Мицкоски.
Тој додаде дека малку се внимавало во изградба на дигиталната инфраструктура и дека сега имаме секундарен дата центар, а немаме примарен и секоја институција своите сервери ги брани како знае и умее.
– Тоа не е организирано, тоа е дифузно. И наш главен приоритет и дел од Планот за раст, којшто како Влада го имаме, е да изградиме еден ваков дата центар, каде што ќе можеме не само да го користиме за средина којашто ќе нуди услуги за институциите, туку и за компании кои ќе сакаат да закупат дел од овој дата центар – рече премиерот.
Не може да има напредок ако граѓаните немаат доверба во институциите. Сериозни реформи се потребни за да обезбедиме правда, којашто ќе биде еднаква за сите, потенцира тој.
– Како ќе ја обезбедиме таа правда? Се разбира со темелни и јасни реформи, но и борба против корупцијата, со што ќе се обезбеди транспарентност во секој аспект на водењето на тие исти институции, што мислам дека досега како Влада тоа го правиме. Веќе осми месец сме влада и можам да кажам дека досега во делот на борбата против корупцијата, барем од она што јас го имам како информација, а мислам дека имам доволно информации, што се однесува до политичката државна корупција, таа е би рекол сведена на нула – рече премиерот.
Тој додаде дека мора да ги штитиме и нашите политички интереси и да водиме сметка за националниот, историскиот и културниот идентитет. Мора да ја водиме Владата со достоинство и така ќе ја браниме нашата традиција, историја и јазик. Градиме стабилна држава што ќе биде цврст партнер на своите граѓани и на меѓународната заедница, рече тој.
– За доследна и успешна операционализација на целите и приоритетите од Стратегијата, потребна е меѓуинституционална комуникација и координација, фокусирање на ресурсите, мобилизација на дополнителни средства за развој ,преку искористување нови извори на финансирање, подобрување на ефикасноста на финансиските приливи – и се ова да придонесе кон оптимално и рационално користење на финансиите што ќе бидат повеќе ориентирани кон резултати. Од тие причини, решивме да ја организираме оваа Донаторска конференција со што ќе ја потврдиме нашата стратешка определба за градење на партнерства и транспарентно, планирано и координирано користење на развојната помош кај нас. Ве охрабрувам заеднички да ги разгледаме можностите за заеднички партнерски иницијативи и проекти, што ќе придонесат за насочено спроведување на политиките и постигнување на видливи резултати за граѓаните – повика премиерот Христијан Мицкоски.