Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Само интервју“ на Канал 5 одговори на обвинувањата во јавноста за наводна политичка и морална одговорност околу катастрофалниот пожар во Кочани што се случи пред четири месеци.
– Нека судат граѓаните дали сум виновен или не. Мојата политичка одговорност е на избори. Ако имам кривична одговорност, нека ме обвини обвинителот веднаш. Но, ако не е така, барам јавно извинување од сите што водат морбидна некрофилска кампања – изјави Мицкоски.
Тој подвлече дека Владата што ја води нема двојни аршини и дека делува единствено врз основа на постапки од Обвинителството.
– Оваа Влада прва покажа дека приведува и лица од владиниот кабинет, институциите и високи структури на МВР. Ниту јас, ниту било кој од Владата имал контакт со Обвинителството – рече Мицкоски.
Дополнително посочи дека Владата направила и политички чекор назад кога се стопирала смената на јавниот обвинител, со цел да не се наруши независноста на институциите, иако тоа, како што вели, ги чинело политички поени.
– Ако граѓаните ме поразат на изборите што следуваат за два до три месеци, другиот ден си поднесувам оставка. Но ако победам, барам извинување и престанување на некрофилијата за политички цели – додаде Мицкоски.