Премиерот Христијан Мицкоски очекува годинава да почне изградбата на брзата пруга која е дел од Коридорот 10, за која Министерството за финансии треба да испрати писма до банките кои би доставиле понуди за финансирање.
– Очекувам периодот формално да испратат дописи до потенцијалните заемодавачи. Ако сѐ биде како што треба, оваа година очекувам почеток на изградбата на оваа пруга што ќе значи многу во историска и во транспортна смисла – изјави Мицкоски денеска од Битола.
Министерството за финансии, како што вчера најави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, најдоцна до крајот на денешниот ден треба ќе пушти писма до банките кои би доставиле понуди за финансирање на овој проект.
– Треба да видиме колку банки се, за да видиме колку време ќе ни треба и нам и ним. Мислам дека до 30 јуни ќе треба да се достават понудите, но почекајте да го пуштиме писмото и ќе информираме кога ќе биде крајниот рок за понудите. Владата нѐ задолжи во рок од пет дена да доставиме понуди, а ние го внесуваме рокот врз основа на документите. Можеби ќе треба и нешто да се продолжи ако банките бараат дополнителни податоци. Во писмото се наведуваат контакт лица од Министерството за финансии (МФ), но и од одговорните институции зашто МФ не е тоа што одговара за детали од проектот што треба да се финансира. Станува збор за 1,91 милијарда евра кои ќе бидат побарани како понуда од една поголема листа банки, вклучувајќи ги и оние со кои имаме постојана соработка како Светска банка, ЕБРД и ЕБОР. Ќе бидете информирани навреме како што ќе стигнуваат понудите – што ќе има внатре – рече министерката.