Министерството за дигитална трансформација ги расчистува злоупотребите од претходните раководства и има поднесено 15 кривични пријави

Lorita
By Lorita
6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Министерството за дигитална трансформација ги расчистува злоупотребите од претходните раководства и има поднесено 15 кривични пријави, откри министерот Стефан Андоновски.

– Во Министерството има случаи на злоупотреби од претходни раководства и сметав дека е потребно да повикаме на одговорност. Пет од тие кривични пријави веќе се во судска постапка, што значи дека Обвинителството ги процесираше со вештачења, анализи и со документи. Дел се уште чекаат да започне постапката – рече Андоновски во гостување на ТВ21.

Министерот нагласи дека методологијата на работа е систематска и без политички притисоци.

– Не снимавме апсења, не правиме притисок врз соработниците на Венко Филипче. Секој предмет се обработува со издржани аргументи и факти и завршува со судски одлуки. Фали динамика кај судството и обвинителството, но борбата против корупција почнува од сопствениот двор – рече министерот.

Тој појасни дека паузата во исплатата од ИПАРД фондовите не е блокада, туку резултат на внимателна анализа на Министерството за финансии и на Владата за евентуални злоупотреби, со цел процесот да продолжи со сигурност и со транспарентност.

Осврнувајќи се на актуелната политичка ситуација, Андоновски истакна дека со добивањето на апсолутна власт, значително растат и обврските на ВМРО-ДПМНЕ.

– Сега одговорноста е само на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните за поплаки имаат само едно име и презиме – додаде тој.

Ова, според Андоновски, бара дополнителна реформа и осовременување на партијата, како кадровски, така и програмски. Тој го најави претстојниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на декември, кој треба да донесе „свежина, енергија и нови идеи“ и да ги исцрта параметрите за следниот мандат и осумгодишното владеење.

Андоновски истакна дека Министерството интензивно работи на повеќе проекти чија цел е директно да се олесни животот на граѓаните и да се подобри пристапот до јавните услуги.

- Advertisement -
Ad image

Најави дека проектот е-бебе ќе почне со реализација од следната година и ќе претставува значаен чекор кон поефикасна комуникација меѓу институциите и граѓаните. Ќе овозможи граѓаните да не мора лично да прибавуваат документи од државните институции, туку да се разменуваат електронски преку државните регистри.

Министерот посочи дека судските уверенија – за неосудуваност, за кривична и деловна способност – веќе се дигитализирани и достапни преку националниот портал за само неколку минути. Тој нагласи дека дел од институциите, како што се факултетите и Агенцијата за вработување, веќе ги признаваат дигиталните документи, но останува потребата сите институции да го следат истиот принцип. Министерството ќе преземе чекори за целосно надминување на овој проблем.

Најави и дека апликацијата „М Услуги“ ќе им овозможи на граѓаните електронски пристап до лична карта и возачка дозвола.

- Advertisement -
Ad image

– Целта е сите јавни услуги да станат достапни онлајн. Веќе имаме тест верзија на „М Услуги“ со над 2.000 симнувања во првите 24 часа – изјави Андоновски.

Тој најави дека постапката за избор на трет мобилен оператор е во завршна фаза, што ќе ја зголеми конкуренцијата и ќе ги намали цените на услугите.

Министерот најави отворање на владин центар за одговор на сајбер инциденти, кој ќе ја следи безбедноста на владините системи и ќе реагира навремено при сајбер-напади.

Во врска со меѓународната дигитална поврзаност, Андоновски истакна дека Македонија активно работи на приклучување кон роаминг-зоната на Европската Унија, со цел граѓаните да ги користат мобилните услуги во странство под исти услови како дома. Тој додаде дека ако Македонија не успее да го реализира ова следната година, ќе се пристапи и кон билатерални разговори со земјите каде што граѓаните најчесто патуваат, слично како што направија Украина и Молдавија.

– Многу е полесно тоа да го направи Европската Унија во име на државата, бидејќи има интерес од страна на Европската комисија, што претседателката Урсула фон дер Лаен веќе неколку пати го истакна. Нашата цел е едноставна – што повеќе услуги да им станат достапни на граѓаните брзо, лесно и без непотребни трошоци. Работиме на проекти кои навистина го олеснуваат секојдневието – порача Андоновски.

Тој истакна дека неговиот фокус останува на реформите и на дигитализацијата, без разлика на евентуалната реконструкција на Владата, нагласувајќи дека „важно е вистинските луѓе да испорачуваат резултати, а не кој каде седи“.

– Моја задача е да испорачувам резултати – не само за партијата, туку за државата и Владата. Направивме големи чекори од стратегии и закони до услуги за граѓаните и политики за сајбер-безбедност. Тоа ќе го продолжам додека имам доверба да бидам министер – изјави Андоновски.

Андоновски истакна и дека Македонија е технички подготвена за почеток на преговорите со Европската Унија, но дека политичките прашања и нерешениот спор со Бугарија го одложуваат процесот.

– Извештајот на ЕУ покажува дека сме напредни во повеќе поглавја. Сигурен сум дека ако утре ги започнеме преговорите, Македонија ќе ги претрка Албанија и Црна Гора – рече министерот.

Тој објасни дека Владата и ВМРО-ДПМНЕ нудат конкретни алтернативи за надминување на застојот, вклучително и одложување на уставните измени или барање гаранции од Бугарија за признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур.

– Не очекуваме ‘булдожер дипломатија’. Нам ни треба креативност и партнерски однос со ЕУ – додаде Андоновски.

Share This Article