Топ Вести - Слушај сега
Нема повеќе доживотни функции и недопирливи позиции во државната администрација. Управните одбори ќе се сведат на три члена, а статусот вршител на должност ќе биде исклучок, строго временски и правно ограничен. Ова денеска го истакна министерот за јавна администрација Горан Минчев, презентирајќи го Предлог-законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите.
На јавната дебата посветена на законот, Минчев нагласи дека за првпат се воспоставува единствена и кохерентна рамка со која јасно се уредува кој, како и под кои услови ги води клучните државни институции.
– Првпат се воведува јасна и системска рамка за именувањето, мандатот, одговорноста и разрешувањето на највисоките раководни позиции во администрацијата. Воведуваме појасни и унифицирани критериуми за избор на директори, државни секретари и членови на колегијални органи, како и за членови на управни одбори, за кои досега речиси и да немаше правила – истакна Минчев.
Според него, мерит-принципот станува правило, а не исклучок, секој што ќе раководи ќе мора да поседува знаење, капацитет и да сноси одговорност за резултатите.
Новото законско решение предвидува транспарентна постапка за избор на високи раководни функционери, јасно дефинирани мандати и ограничувања на повторниот избор.
– Позицијата повеќе не е титула, туку одговорност. Раководителите ќе мора да испорачуваат резултати – порача министерот.
Предлог-законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите од 31 декември е објавен на платформата ЕНЕР, каде што јавноста може да доставува свои забелешки и предлози.
– Кога зборуваме за реформи во јавната администрација, мислиме на суштински промени во кои се вклучени сите засегнати страни. Дијалогот, а не наметнувањето, е единствениот пат до квалитетни решенија – додаде Минчев.
На јавната дебата, покрај директори и раководни лица од институциите, присуствуваше и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
