Велика Британија денеска објави инвестиција од 14,2 милијарди фунти (околу 16,8 милијарди евра) за изградба на нуклеарната електрана Сајзвел Си во Сафолк, клучен дел од четиригодишниот план за зајакнување на енергетската безбедност и за исполнување на климатските цели.
Новата централа ќе произведува електрична енергија за околу 6 милиони домаќинства и ќе обезбеди 10.000 работни места во фаза на интензивна изградба.
– Новата нуклеарна енергија е неопходна за обезбедување чиста енергија, заштита на домашните буџети и за справување со климатската криза – изјави британскиот министер за енергетика, Ед Милибанд.
Ова е втора нова нуклеарна централа во Велика Британија по повеќе од 20 години, по проектот Хинкли Поинт Си, кој се соочи со доцнења и со зголемени трошоци. Сајзвел Си ќе се финансира преку моделот Регулирана база на средства (РАБ), кој овозможува исплати за инвеститорите за време на изградбата, намалувајќи го ризикот и олеснувајќи го пристапот до поевтин капитал. Критичарите предупредуваат дека овој модел може да ги зголеми даноците и сметките за струја доколку има доцнења или пречекорувања на буџетот.
Британската влада поседува 83,8% од проектот, додека, пак, францускиот ЕДФ има 16,2%. Се очекува учеството на ЕДФ дополнително да се намали, а во тек е избор на нови инвеститори.