Милиони бегалци и раселени лица ширум светот се подготвуваат за студена зима со многу помалку помош отколку во претходните години, соопшти Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР).
Доминик Хајд од УНХЦР изјави дека, поради наглото намалување на помошта од Германија, САД и многу други земји, поддршката за бегалците оваа зима ќе биде „многу помала“.
– Хуманитарните буџети се растегнати до крајни граници и зимската помош што ја нудиме ќе биде многу помала оваа година, рече Хајд.
– Семејствата ќе мора да издржат смрзнувачки температури без работи што многумина од нас ги земаат „здраво за готово“: Соодветен покрив, изолација, греење, ќебиња, топла облека или лекови, нагласи тој.
УНХЦР сака да собере средства од приватни донатори за да ја надомести делумно намалената поддршка од владите. Организацијата упати апел за донации со цел да собере најмалку 35 милиони долари.
Парите ќе бидат искористени за поправка на бомбардирани куќи и изолација на други, соопшти агенцијата. Семејствата ќе добијат ќебиња и пари за лекови и топли оброци.
Според агенцијата, зимска облека за дете-бегалец во Молдавија чини 95 долари. За еквивалент од 30 долари, семејство во Авганистан би можело да добие традиционална печка. Со 120 долари, семејство во Либан може да го грее своето засолниште.
Агенцијата соопшти дека се обидува да им помогне на луѓето во Украина, кои се соочуваат со својата четврта зима во војна, со температури што често паѓаат до минус 20 степени Целзиусови, како и на повеќе од два милиони Авганистанци кои беа принудени да се вратат во својата татковина, некои од нив „со празни раце и со малку изгледи“ по враќањето од Пакистан и Иран.



























