Милијардерот Илон Маск соопшти дека ја напушта својата позиција во американската влада откако го водеше таканаречениот Оддел за владина ефикасност во контроверзен обид за намалување на федералните трошоци.
– Како што моето време како специјален владин службеник се ближи кон крајот, би сакал да му се заблагодарам на претседателот Доналд Трамп за можноста да го намалам расипничкото трошење – напиша тој на X.
Мандатот на Маск од 130 дена како специјален владин службеник требаше да измине на 30 мај. Владата на САД посочи дека напорите на „DOGE“ за реструктуирање и намалување на владините трошоци ќе продолжат.
– Мисијата на „DOGE“ само ќе се зајакне со текот на времето, откако ќе стане начин на работа за владата – напиша Маск.
Службеник на Белата куќа ја потврди информацијата за заминувањето на Маск и рече дека „неговото повлекување ќе почне денеска“.