Топ Вести - Слушај сега
Мерка притвор му е одредена на сопственикот на фабриката за бисквити „Виоланда“ во грчкиот град Трикала за експлозијата на крајот на јануари, во која загинаа пет работнички, јави дописничката на МИА од Атина.
По вчерашниот маратонски исказ пред истражен судија и обвинител во Трикала, сопственикот Константинос Ѕиорѕиотис е пренесен во затвор, а според грчките медиуми, во одбраната се обидел да објасни дека како човек што управува и раководи со компанија со многу голем профит не можел да има познавања за техничките прашања за кои имал соработници – машински, градежни и електроинженери и имал доверба во нив.
Како што објави државната телевизија ЕРТ, тој изјавил дека е потресен од експлозијата и од загубата на петте негови работнички, рекол дека не знаел дека постои таква опасност, а одговорноста ја префрлил на оние што ги потпишале студиите и елаборатите на компанијата и се оградил од одговорноста за она што се случувало во фабриката.
Според сведоштвата на вработените, мирисот на пропан бил присутен извесен период пред експлозијата за што информирале и сигнализирале до надлежните, а сопственикот во исказот рекол дека за тоа дознал доцна.
ЕРТ објави дека и безбедносните мерки во објектот што беше срамнет со земја од експлозијата биле, како што произлегува и од студијата за противпожарна заштита, недоволни, односно не постоел автоматски систем за детекција на пожар, ниту автоматски систем за откривање експлозивни материјали, а наместо автоматско ладење, функционирал само едноставен детектор и рачен систем за пријавување пожар.
Обвинението за сопственикот на „Виоланда“ опфаќа предизвикување експлозија со евентуална умисла и повеќекратно убиство од небрежност.
Вчера, додека Ѕиорѕиотис даваше исказ, пред Основниот суд во Трикала се собраа вработени во индустријата изразувајќи му поддршка, а во вторникот 256 вработени потпишаа текст, исто така со поддршка за сопственикот.
По експлозијата, беа спроведени проверки и на другите две фабрики на „Виоланда“, едната е затворена, а третата продолжува со работа.
Експлозијата во фабриката за бисквити се случи на 26 јануари за време на ноќната смена со 12 вработени, при што животот го загубија пет работнички, а другите беа полесно повредени.
Според истрагата на Дирекцијата за истрага на кривични дела поврзани со подметнување пожари (ДАЕЕ) на противпожарната служба на Грција, причината за експлозијата е подземното повеќемесечно истекување пропан, кој дошол во контакт со искра предизвикана од електромеханичка опрема во фабриката.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
