Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев рече дека во наредните години повеќе земји ќе се здобијат со атомско оружје, бидејќи Западот го турка човештвото кон Трета светска војна, индиректно водејќи војна против Русија во Украина.
Медведев оцени дека опасноста од нуклеарен конфликт никогаш не била поголема, пренесува Ројтерс.
За изјавите на Франција и Велика Британија за нуклеарниот арсенал на тие земји, Медведев изјави дека станува збор за штракање со оружје и покрај „слабиот стратешки потенцијал“.
„Ситуацијата е таква што дури и во случај на целосен прекин на конфликтот околу таканаречената Украина, нуклеарното разоружување би било невозможно во следните децении“, оцени Медведев.
Според него, светот ќе создаде нови видови деструктивно оружје и нови земји ќе се здобијат со нуклеарни арсенали.
Според Ројтерс, САД, Русија, Кина, Франција, Велика Британија, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја поседуваат нуклеарно оружје.