Во 80 општини во земјава има повеќе од 200.000 дивоградби и ако не грешам, во албанските општини предничи општина Гостивар, изјави денеска првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити на прес конференција.
Тој ги повика институциите да дејствуваат насекаде и неселективно.
– Јас ги повикувам институциите да делуваат секаде каде што има недозволено и незаконско градење. Институциите треба да се остават да дејствуваат насекаде, но не селективно, како што имаше интенција од градоначалничката – истакна Меџити алудирајќи на градоначалничката на Скопје.
На новинарско прашање во врска со кандидатурите за градоначалници за претстојните локални избори, Меџити посочи дека коалицијата „Вреди“ до овој момент донела одлука да даде поддршка на независната кандидатура на Менди Ќира за градоначалник на Струга.
– Ги очекуваме резултатите од анкетите од професионални агенции кои ќе ни дадат насоки и ориентација. Ние како „Вреди“ сакаме да ги понудиме најдобрите и најквалитетните кандидати за градоначалници во секоја општина кои ќе ја потврдат големата победа на „Вреди“ и на локалните избори како што беше на претходните парламентарни избори – додаде Меџити.