Полициски службеници денеска отвориле оган врз маж на железничката станица Монпарнас во Париз, откако тој мавтал со нож, одбил да се предаде и се заканувал дека ќе ја убие својата поранешна сопруга. Настанот предизвикал хаос меѓу патниците кои во паника почнале да бегаат низ железничката станица.
Според обвинителството, мажот бил веќе регистриран за семејно насилство. Кога полицајците се обиделе да го уапсат, тој продолжил да мавта со ножот и да се самоповредува, игнорирајќи ги наредбите.
– Според првичните информации, мажот покажувал нож, по што полицаец употребил огнено оружје за да го запре. После тоа, тој се повредил и сам со ножот – велат од париското обвинителство.
Во метежот бил повреден и случаен минувач, кој се здобил со полесни повреди и бил згрижен од медицински екипи.
Сведоците раскажале дека сцената била „шокантна и многу стресна“.
– Бев на терасата во централниот хол работејќи кога се слушна многу гласен звук. Сите почнаа да трчаат. Рацете ми се уште се тресат – изјавил очевидец за француските медиуми.
Полицијата го обезбедила местото, а истрагата продолжува.



























