Масовно лизгање на земјиште што се случи на 31 август го срамни селото Тарасин во планините Мара во Дарфур, при што загинаа над 1.000 луѓе. Би-Би-Си пренесува дека преживеал само еден човек.
Лизгањето на земјиште доаѓа по неколкудневни обилни дождови.
Суданското ослободително движење кое ја контролира областа апелира до Обединетите Нации и до меѓународните организации за помош во пронаоѓањето и откопувањето на телата. Но, пристапот е крајно ограничен поради тековните борби кои се водат во регионот.
Планините Мара се вулкански венец високи преку 3.000 метри. Тие важат за едно од ретките скривалишта на цивили во бегство поради граѓанската војна што избувна во Судан во април 2023 година меѓу армијата и Силите за брза поддршка.
Конфликтот доведе до тешка хуманитарна криза. Стотици илјади лица загинаа, милиони се раселени, а делови од Дарфур се на работ на глад.